Според пишувањата на европските медиуми, тренд во последно време во Европа, паралелно со отворањето на границите, е заживувањето на црниот пазар, каде што се продаваат лажни сертификати од вакцинирање и фалсификувани негативни ПЦР-тестови

Црниот пазар на кој се продава и се купува сертификат за примени две вакцини против коронавирусот е силно развиен во Европа и забрзано се шири речиси во сите земји од Стариот Континент, особено во пресрет на летната туристичка сезона. За ова деновиве предупредуваат европските медиуми, особено што е познато дека покрај овој документ, кој речиси сигурно ќе биде неопходен за патување во странство, се нудат и лажни тестови за тоа дали едно лице е заразено или не од вирусот. Ваквата појава е раширена низ поголемите европски држави и градови, каде што е силно развиена фреквенцијата на луѓе што патуваат низ Европа и надвор од континентот, посочува лондонски „Гардијан“, кој особено се осврнува на состојбата во Британија. Според пишувањата на магазинот, проблемот станува уште поинтересен и поголем бидејќи станува збор за лажни ковид-сертификати, каде што засега главни купувачи се антиваксерите, кои одбиваат да се вакцинираат, а инсистираат да патуваат или да одат на одмор како оние што се веќе имунизирани.

Раширеност на лажните документи

Во меѓувреме, истражувањето што го направил весникот покажува дека досега се откриени над 1.200 вакви случаи. Британските власти стравуваат дека по најавата за враќање на патувањата преку Атлантикот, како и низ земјите од југот на Европа, Британците засилено ќе купуваат фалсификувани документи поврзани со пандемијата. Стравувањата на официјален Лондон се однесуваат особено на фактот што овие луѓе може да се вратат во Британија и на тој начин да внесат некој од мутираните вируси. Слична е состојбата со лажните документи и во Германија, но и во другите европски земји. Германски „Дојче веле“ на оваа тема пишува дека колку повеќе се олабавуваат мерките за пандемијата, толку се побарани доказите за целосна вакцинација и за прележан ковид-19 или негативните тестови. Тие се неопходни при слободните активности или за патување. Во таа насока, за користење и изработка на фалсификувани сертификати за вакцинација во Германија ќе следуваат парични, но и затворски казни. Новите правила се очекуваше да добијат зелено светло во Бундестагот уште минатата недела, но процесот за нивно донесување се одложи.
– Фалсификатите не се кавалерски деликт – изјави сојузниот министер за здравство Јенс Шпан.
Според планираното, ќе се казнува и давањето погрешни податоци како услуга некому. Тоа би требало да придонесе за поголема праведност и заштита.
– Само оној што навистина е вакциниран, оздравен или негативен (на коронавирус) тешко може да ги зарази другите – повтори Шпан.

Тајна мрежа на интернет за продажба на
сертификати

Во текот на април е утврдено дека над 100 лица, секој ден, се обидувале да влезат во Британија, користејќи лажни ковид-сертификати или исто такви тестови, уверувајќи дека не се инфицирани и дека се вакцинирани, наведува „Гардијан“. Од друга страна, неодамна израелските власти, кои се борат да спречат ваков начин на влегување на патници и туристи во самиот Израел, откриле докази за фалсификуваните сертификати што се достапни за продавање на тајна мрежа, но преку лесно достапните платформи на интернет, вклучувајќи ги оние за размена на пораки, како што се Телеграм, Ватсап или Вибер. Израелците само до крајот на минатата година имаат откриено 20 тајни доставувачи на лажни документи на страницата Дарк-веб. Сега велат дека таквата илегална мрежа е 60 пати поголема. Инаку, Дарк-веб е мрежа на интернет на која може да се влезе само преку посебен софтвер, информираат западните медиуми.

Мрежата Телеграм, исто така, располага со многу канали на кои веќе се знае дека има над десет илјади претплатници. Германски „Дојче веле“ пишува дека германските погранични власти секој ден откриваат поголем број патници што имаат лажни сертификати за вакцинација. Поголемиот број од нив се патници што доаѓаат од посиромашните земји во светот, но има и многумина што се декларираат како противници на какво било вакцинирање, вклучувајќи го и сегашното против коронавирусот, без разлика што милиони луѓе веќе се починати од коронавирусот.
Во меѓувреме, експерти за интернет и службите што ги надгледуваат состојбите на разните мрежи изјавија дека од почетокот на пандемијата почнале да регистрираат како Дарк-веб постојано произведува нови канали на кои може да се најдат и купат лажен сертификат и лажен негативен тест за коронавирусот. Од друга страна, оние што ги имале во рака лажните сертификати тврдат дека тие се мошне добро фалсификувани и ретко може да се откријат од пограничните контроли дури и на западните земји.