Поранешниот градоначалник на Њујорк и адвокат на Доналд Трамп, Руди Џулијани, неодамна во интевју се фати во костец со унгарскиот милијардер Џорџ Сорос, фалејќи се дека е „повеќе евреин од Сорос, кој го преживеал Холокаустот“. Во интервјуто, Џулијани жестоко се нафрли со обвиненија и навреди кон милијардерот, но и кон низа обвинители, со што на себе го привлече вниманието и од еврејскиот комитет на САД, пренесува „Ен-би-си њуз“.

Во интервју со „Њујорк магазин“, Џулијани го обвини Сорос дека тој е оној што ги влече конците и ја контролира Украина. Сорос честопати е цел на теории на заговор.

– Не ме обвинувајте за антисемитизам само бидејќи сум против Сорос. Тој не припаѓа на ниедна религија, црква или синагога, тој исто така не го поддржува Израел, туку напротив, тој е негов непријател. Сорос исто така помогна да се назначат осум анархистички обвинители во САД. Тој е ужасен човек – вели Џулијани.

Според него, Сорос е замешан и во процесот за импичмент на Трамп, а исто така има и ФБИ агенти под негова власт.

Откако Џулијани, кој е со италијанско потекло и израснал во католицизмот, бил обвинет за антисемитизам, тој самоуверено изјавил дека е „повеќе евреин од половина од неговите пријатели“.

– Да се биде против Сорос не е само по себе антисемитизам. Но, да се тврди дека тој контролира амбасадори и ФБИ агенти, тоа е антисемитизам – напиша на Твитер Џонатан Гринблат, извршниот директор на Лигата против клевети.

Американскиот еврејски комитет исто така го обвини Џулијани, со изговор дека е навредувачки да се негира нечија вероисповед.

Откако го прашале за неговата вероисповед во 2007 година, тој на некој начин го избегнал прашањето.

– Моите религиозни практики и степенот колку сум добар католик, претпочитам да оставам да биде утврдено од католичките свештеници – изјавил Џулијани.

Но, Сорос не е единствената цел кон која Џулијани испукал навреди за време на интервјуто. Тој исто така споменал неколку федерални обвинители од самата канцеларија која ја раководел во Обвинителството на јужниот округ во Њујорк.
Наводно, двајца клиенти, кои ја потпомогнале истрагата во Украина, го обвиниле него за нелегално финансирање на кампањата и ги проверувале неговите финансиски зделки.

– Доколку навистина ми ги проверуваат финансиските зделки, тие се вистински идиоти. Доколку навистина се нафатиле да го прават тоа, тогаш тие се вистински њујоршки левичари на кои постојано некој им е крив – вели тој.

Џулијани изрази желба дека сака да биде еден од адвокатите кои ќе го застапуваат Трамп за време на неговото судење за импичмент во Сенатот, затоа што тоа е можност тој добро и детално со вкрстено испрашување да ги исита демократите.

– Тоа е она во што сум најдобар, како адвокат. Вкрстеното испрашување можев да го спроведам уште додека работев како правен помошник. Тие се еден куп кловнови – вели Џулијани во врска со случајот за импичмент на Трамп.