Северна Кореја тестираше неколку ракети со краток дострел, според информации од Јужна Кореја. Тие биле истрелани од полуостровот Ходо источно во земјата, информира Би-би-си.

Доколку се потврдат информациите на Јужнокорејците, ова би било прво ракетно тестирање на Пјонгјанг уште од ноември 2017 година, кога тие ја тестираа интерконтиненталната балистичка ракета.

Минатиот месец, надлежните во Северна Кореја рекоа дека тестирале ново „тактичко“ оружје.

Исто така, ова е прв ракетен тест во земјата по средбата на лидерот Ким Јонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп во Ханој, Виетнам, кој заврши без договор. Тогаш, Трамп се повлече од преговорите, бидејќи како што рече, добил лоша понуда од северкорејскиот лидер.

Тестирањето на ракети со краток дострел не го прекршува ветувањето на Северна Кореја дека нема да тестира ракети со голем дострел и нуклеарни ракети.

– Изгледа дека Пјонгјанг го губи трпението со целосните економски санкции од страна на Вашингтон кои остануваат, се додека Ким не преземе сериозни чекори за комплетно да ја прекине програмата за нуклеарно оружје – констатираат од Би-би-си.

Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс рече дека САД се запознаени со тестирањата во Северна Кореја и рече дека властите во Америка ќе продолжат да ја следат состојбата.