Дури осумнаесет републикански конгресмени го номинираа американскиот претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир за 2019 година. Во писмото, предводено од конгресменот од Индијана, Лук Месер, кое е испратено до Нобеловиот комитет во Норвешка, тие истакнуваат дека Трамп заслужил да ја добие Нобеловата награда како признание за неговата работа да се стави крај на Корејската војна и да се постигне целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, со што донел мир во регионот.

Номинација за Нобеловите награди за мир може да биде поднесена од луѓе што им припаѓаат на одредени категории, како универзитетски професори и поранешни добитници, но други ограничувања нема. Минатата година дури 330 лица беа номинирани за Нобеловата награда за мир.
Минатата недела и претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин, изјави дека Трамп заслужил да добие Нобелова награда за неговите напори да се постигне мир на Корејскиот Полуостров.


Руски воен авион се урна кај Сирија

Руски воен авион „су-30“ се урна над Средоземно Море, при што загинале двајца пилоти, пренесува ТАСС.
Авионот се урнал вчера, по полетување од аеродромот во базата Хмејмим во Сирија. Според руското министерство за одбрана, и двајцата пилоти до последната минута се обидувале да го спасат авионот, но не успеале во тоа и загинале. Министерството соопшти дека не било пукано кон авионот.