Генералниот секретар на невладината организација Репортери без граници, Кристоф Долоар денеска го осуди лажирањето на убиството на рускиот новинар Аркадиј Бабченко од страна на украинската служба за безбедност.

– Појавувањето на Бабченко е големо олеснување, но е патетично и е за жалење што украинските служби си играле со вистината, независно поради кои причини – истакна Долоар.

И портпаролката на руското Министерство за одбрана, Марија Захарова изјави изрази жалење што Украина ја искористи „смртта“ на Бабченко за пропаганда.

Рускиот новинар Аркадиј Бабченко кој вчера наводно беше убиен во Киев денеска одржа прес конференција, на која и се извини на својата сопруга и им се заблагодари на сите кои го жалеле.

– Посебно извинување до мојата жена – изјави Бабченко на прес конференција, но не објасни како се било наместено.

Шефот на украинската служба за безбедност, Василиј Хритсак изјави дека убиство на Бабченко било исценирано со цел да се откријат руските агенти.

– Врз основа на информации кои ги проследи украинската служба, убиството на рускиот новинар Аркадиј Бабченко го наредија руските безбедносни служби – истакна Хритсак.

Тој додаде дека украинските истражители идентификувале украински државјанин кој наводно руската безбедносна служба му платила 40.000 долари за убиството на Бабченко.

Бабченко наводно беше пронајден крвав од неговата сопруга на влезот од станот во Киев, „неколку пати застрелан во грб, а починал во болница“. Новинарот не и кажал ниту на сопругата дека неговото убиство е исценирано.

Бабченко (41), еден од најпознатите руски воени известувачи замина од Русија во 2017 година, откако на социјалните мрежи доби закани по неговиот живот и по неговото семејство.

Претходно, премиерот на Украина, Володимир Гројсман ја обвини Русија дека е вмешана во вчерашното убиство на Бабченко во Киев. Тој го нарече Бабченко „вистински пријател на Украина“ на кого „Русија не му прости“.