Дарел Е. Брукс е главниот осомничен за инцидентот на предбожиќната парада во Вокиша, во американската сојузна држава Висконсин, за време на која возило влета во посетителите. Во инцидентот најмалку пет лица го загубија животот, а околу 40 се повредени, пренесува „Си-ен-ен“.

– Засега мотивот не е познат. Сметаме дека осомничениот дејствувал самостојно, и немаме причина да се сомневаме дека станува збор за терористички напад – изјави началникот на полицијата, Ден Томспон.

Брукс непосредно пред трагичниот настан во Висконсин, учествувал во засебен инцидент со друго лице, а полицијата не била во можност да одговори на првичниот повик, бидејќи веднаш потоа добила информации за случувањата на парадата.

За време на инцидентот, полициски службеник истрелал неколку куршуми како предупредување во обид да го спречи Брукс, но поради големиот број на посетители на парадата, тој бил принуден да престане со пукањето. Брукс не е повреден за време на инцидентот.

Властите јавија дека итната помош пренела 12 деца и 11 возрасни во болниците, а голем број од повредените биле префрлени во здравствените установи од страна на нивните семејства и пријатели.

Осомничениот Брукс денес за првпат ќе се појави на суд. Обвинителите поднесоа пет обвиненија за убиство со намера.

Брукс минатата година бил дел од расправија во која пукал од пиштол. При апсењето, полицијата пронашла украден пиштол и три апчиња. Подоцнежните тестови, наводно, покажале дека тој бил под дејство на големо количество на метамфетамини.

Според судските записи на округот Милвоки, Брукс со автомобил удрил жена која пешачела во близина на бензинска пумпа на 2 ноември. Тој бил ослободен на 11 ноември со кауција од 1.000 долари. Обвинителите сметаат дека висината на кауцијата била многу ниска.