Полските власти уапсија четворица Таџикистанци за наводно обид за регрутирање муслимански преобратеници, со цел тие да извршат терористички напади во име на Исламска држава, пренесува „Џерусалим пост“.

Таџикистанците биле уапсени од граничната полиција кога се обиделе повторно да влезат во земјата, врз основа на докази од Полската агенија за внатрешна безбедност (АБВ). Службата за безбедност тврди дека тие се обидувале да извршат терористички активности во земјата, вели владиниот портпарол Станислав Зарин.

– Тие се обидоа да регрутираат луѓе кои би можеле да се искористат за извршување на некакви терористички дејства. Тие се инспирирани од ИД, но тие не се дел од организацијата – рече Зарин за „Ројтерс“.

Четворицата мажи ќе бидат депортирани од земјата и ќе бидат ставени на списокот што им забранува да се вратат во Полска или, теоретски, во која било друга земја од Шенген зоната.

Минатиот месец, други четворица Таџикистанци беа уапсени во германската држава Северна Рајна-Вестфалија, откако, според властите, планирале терористички напади врз американски воени бази во областа.

Во 2017 година, полскиот европратеник Ришард Чарнецки рече дека единствениот начин да се спречат исламски терористички напади е да се спречи исламската миграција.

– Кога станува збор за намалување на шансите Полска да биде погодена од терористички напади, единствениот докажан метод е да не се дозволи влез на муслиманските мигранти. За среќа, Полска не ги прави овие грешки што ги направија другите земји кога станува збор за имиграциската политика и затоа немаме такви главоболки – рече Чарнецки.

Во септември 2019 година, полската влада го отфрли предлогот на ЕУ за прераспределување на мигрантите, со кој мигрантите од Италија и Грција би биле преместени во Полска.

Отфрлајќи го договорот, полскиот амбасадор во Рим, Ана Марија Андерс рече: „ЕУ сака прераспределба, но ние не го менуваме нашиот став. Варшава веќе прави многу. Во Полска има два милиони Украинци, од кои многумина избегале од воените зони. Тие добро се интегрираат, делумно го делат нашиот јазик, традициите и културата “.