Марк Дејвид Чепмен во текот на телевизиско интервју со Барбара Волтерс

На Марк Дејвид Чепмен, кој го застрела и усмрти Џон Ленон, легендарниот вокалист на „Битлси“, минатиот месец, по 11-ти пат му беше одбиено барањето за пуштање на условната слобода, бидејќи, како што изјавил 40 години по злосторството, го убил Ленон за да се здобие со слава. Чепмен има 65 години, и ќе остане во затворот во Њујорк, каде издржува доживотна казна, пренесува „Еј-би-си њуз“.

Според транскриптот, Чепмен бил љубоморен и лут на луксузниот начин на живот кој го водел Ленон. „Фокс њуз“ во 2018 година изнесе дел од претходното сослушување за условно ослободување на Чепмен.

– Во својата одлука, државниот одбор за помилување рече дека ослободувањето на Чепмен не само што ќе има тенденција да ја ублажи сериозноста на неговото злосторство, туку и ќе ја загрози јавната безбедност, затоа што некој може да се обиде да му наштети, било од лутина, од одмазда или пак, за и самиот да стане славен – пишува „Фокс њуз“.

Токму таква озлогласеност бараше Чепмен кога го застрела Ленон во Менхетн на 8 декември 1980 година. Чепмен се сретнал со Ленон порано истиот ден, кога поранешниот член на „Битлси“ му потпишал копија од албумот „Двојна Фантазија“. Албумот беше еден вид враќање на Ленон на музиката, по две години од повлекувањето од музичката сцена.

Чепмен рече дека го купил пиштолот не повеќе од три месеци пред да го убие 40-годишниот Ленон. Тој ја оставил сопругата на Хаваи за да дојде во Њујорк, со оправдување дека „сака да се пронајде себеси“. Тој имал список со уште три потенцијални жртви, во случај Ленон да не се појави.

– За време на сослушувањето изјавивте дека го извршивте ова убиство за да дојдете до слава. Рековте дека „неделото што го сторивте ви донело слава“. Токму ова се зборовите поради кои ви се негира условната слобода. Сметаме дека вашата изјава е вознемирувачка. Вашите постапки претставуваа злобен чин. Фактот дека денес, 40 години подоцна, сè уште можете да зборувате за она што го сторивте како нешто што сметавте дека е позитивно и во вашиот ум, ви донело слава во тоа време, е вознемирувачки за овој суд – се вели во транскриптот од сослушувањето.

Чепмен го застрелал Ленон четири пати, кој подоцна подлегнал на повредите во болницата. По неговото убиство, следуваше еднонеделно масовно бдение во близина на Дакота, заедно со тажење од фанови ширум целиот свет.

– Беше ужасно. Не можев да ја прифатам веста за неговата смрт. За мене беше тешка помислата дека повеќе нема да го видам и да поминуваме време заедно – изјави Пол Мекартни во 2014 година.

Ленон и Мекартни ги решија нивните несогласувања непосредно пред Ленон да биде убиен. Впрочем, Мекартни додаде „за мене ќе беше најтешкото нешто на светот доколку Ленон умреше без тоа да се случи“.

Чепмен почекал да пристигне полицијата и, наводно, бил уапсен додека ја читал книгата „Ловец во ‘ржта“ од Џером Селинџер. Нему му било наложено пред судот да се изјасни за луд, но наместо тоа, тој се изјасни за виновен за убиство.

На сослушувањето во 2018 година, Чепмен исто така тврдеше дека „поминал низ внатрешна војна“ за тоа дали да го застрела Ленон.

– Бев премногу навлезен во замислата. Се сеќавам како размислував: Еј, ти го доби потпишаниот албум. Погледни, тој го потпиша албумот, едноставно замини си дома. Но, немаше начин како да си заминам дома – се неговите зборови кои се дел од од транскриптот, пренесен од „Фокс њуз“.

Со текот на времето, се чини дека Чепмен ја прифатил сериозноста на своите постапки и штетата што ја предизвикал во толку многу животи. Вдовицата на Ленон, Јоко Оно, е непопустлива кога станува збор за условната слобода на Чепмен и постојано се спротивставува на ваквата идеја. Извештаите велат дека Чепмен и неговата сопруга Глорија ѝ напишале писмо на Оно во кое бараат таа да му прости за убиството. Оно и понатаму останува цврста на својата одлука.

– Сакам да знае дека таа го познаваше нејзиниот сопруг како никој друг и знаеше каков човек е Ленон. Јас не го познавав. Му судев според фотографија во книга и го убив. Тој беше исклучително славен. Не го убив поради неговиот карактер или каков човек беше. Тој беше икона. Пред триесет години не можев да кажам дека чувствувам срам, но затоа знам што е срам денес – рече Чепмен на сослушувањето во 2018 година.

Чепмен има повторно право да побара условно ослободување за две години.