Халифа Хафтар (втор од лево кон десно) заедно со неговите соработници

ЛНА го отфрли соопштението за прекин на огнот затоа што личело на „маркетиншки трик“ и смета дека ГНА планира турски поддржана офанзива на Сирт

Ал џезира

Силите на одметнатиот воен командант Халифа Хафтар го отфрлија соопштението за прекин на огнот на либиската меѓународно призната влада како „маркетиншки трик“. Ахмед Мисмари, портпаролот на самопрогласената Либиска национална армија (ЛНА) изјави вчера дека ривалските сили од западниот завојуван дел на државата се мобилизирале околу фронтовите во центарот на државата.

Во соопштението за медиуми, тој порача дека источно стационираните сили биле подготвени да реагираат на секаков обид за напад на неговите позиции околу крајбрежните градови Сирт и Џуфра и подлабоко на копно. Коментарите на Мисмари беа први од страна на ЛНА по петочното соопштение за прекин на огнот и барањата за продолжување на производството на нафта на Владата на национална спогодба (ГНА), предводена од премиерот Фајез ал Сараж.

– Иницијативата која Сараж ја потпиша е за медиумски маркетинг. Во тек е воена консолидација и трансфер на опрема на чија цел се нашите сили во Сирт. Ако Ал Сараж сакаше прекин на огнот, тогаш ќе ги повлечеше своите сили и немаше да напредува кон нашите единици во Сирт – порача Мисмари.

Мисмари не се осврна на паралелното барање за прекин на огнот исто така објавено во петокот од страна на шефот на парламентот на истокот од Либија, Агила Салех. Салех се стекна со влијание споредено со она на Хафтар, откако турската воена поддршка за ГНА ја натера ЛНА да се повлече од 14 месечната офанзива на Триполи во јуни. Малик Трајна, кој е известувач за „Ал џезира“ од Мисрата, порача дека „претходно во сите преговори или мировни преговори во Либија, Хафтар бил многу важен учесник и силно вклучен во нив, но сега бил надвор од игра“. Трајна исто така истакна дека не е првпат Хафтар да одбие договор за прекин на огнот. Во јануари, Турција и Русија исто така сакаа да поддржат примирје кое го потпиша ГНА во Москва, но не и Хафтар.

– Ако странските поддржувачи на Хафтар престанат да го поддржуваат, останува да видиме дали тоа значи дека ГНА ќе може да напредува, дали ова значи дека Салех и Ал Сараж ќе можат да склучат мировен договор и да постигнат траен мир во Либија – истакна Трајна.

Во меѓувреме во саботата, Високиот државен совет на Либија, кој е советодавно тело на ГНА, жестоко отфрли секаков дијалог со Хафтар. Во соопштението ја нагласи потребата за сериозни напори за да се стави крај на „бунтот“ во државата преку итен прекин на огнот, и потребата да и се овозможи владата да ја преземе контролата врз целата територија на Либија. Во неа се додава дека „секаков дијалог или согласност треба да биде во рамки на Либискиот политички договор со кој се регулираат механизмите на дијалог да бидат само меѓу избраните тела“.

Со тоа што приврзаниците на Хафтар ги блокираа нафтените капацитети во државата во изминатите месеци, советот исто така побара продолжување на производството и извозот на нафта, кој е главен извор на приходи на Либија, и да се казнат сите одговорни за затворање на капацитетите.

Либија беше поделена на ривалски политички и вооружени групи откако во востание беше соборен и убиен долгогодишниот лидер Муамер Гадафи во 2011 година. Државата богата со нафта останува силно поделена на фракции на истокот и западот кои поддржуваат ривалски влади и парламенти. Конфликтот прерасна во арена на регионалните конкуренти, па така Хафтар го поддржуваат Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати, додека ГНА ја има поддршката на Турција и Катар. Од јуни стивнаа борбите. Претходно двете страни меѓусебно се обвинуваа дека брзо ги кршеле примирјата и ги користеле за дополнително вооружување.

Превод: Билјана Здравковска