Повеќе истражувања објавени во медиумите говорат дека државите се соочуваат со нов предизвик, кој е насочен кон зголемувањето на довербата кај своите граѓани во процесот на групната имунизација од ковид -19. Засега Европејците се најскептични

Речиси една година по појавата на коронавирусот земјите во светот почнуваат да се подготвуваат за вакцинација на населението. Но имајќи го предвид фактот дека за вакцинацијата постојат различни теории и мислења, државите сега се соочуваат со нов предизвик, кој е насочен кон зголемувањето на довербата кај своите граѓани во процесот на групната имунизација од опасниот вирус. Имено, токму овој проблем се посочува во последното истражување објавено од „Еуроњуз“ на тема колку доверба има светското население во која било од вакцините против ковид-19.

Европејците со најмала доверба кон вакцинацијата

Во студија направена врз 13.400 испитаници во 19 земји низ светот се наведува дека токму Европејците се најскептични во однос на процесот на вакцинација. Како народ со најмала доверба на Стариот Континент кон целиот овој процес се Полјаците, речиси повеќе од половина од нив засега не сакаат да бидат вакцинирани против новиот коронавирус. Околу една четвртина од Полјаците не се сигурни, а други 25 проценти се категорични дека нема да бидат имунизирани, покажува анкетата на „Еуроњуз“. Според авторите на студијата, овој скептицизам може да ја одложи кампањата за вакцинација во земјата, а таквиот однос може да предизвика и верижна реакција на одбивност кон вакцинација во земјите од опкружувањето. Експертите проценуваат дека најмалку 70 отсто од светската популација мора да се вакцинира за да се создаде колективен имунитет, но ваквата бројка би била невозможна доколку довербата во процесот е мала, оценува бриселскиот медиум. Покрај Полјаците, и Французите, Германците и Швеѓаните се исто така меѓу најскептичните. Само 59 отсто од Французите изјавиле дека доколку има докажана успешна вакцина против ковид-19 би ја примиле, што е голема бројка на недоверба на населението од оваа земја кон лекот. До нив веднаш се Швеѓаните, каде што само 66 отсто од испитаниците изјавиле дека би ја примиле вакцината против коронавирусот.

Од скептицизам до верба во САД и во Јужна Кореја

Од друга страна, пак, друга анализа на истата тема посочува дека речиси 75 отсто од Американците се согласни да се вакцинираат против коронавирусот со вакцината што ќе ја одобри федералната влада во земјата. Во таа насока, во Америка сè уште не се исклучува можноста за задолжителна вакцинација. Адвокатската комора во Њујорк на почетокот на ноември донесе резолуција со која им препорачува на властите да воведат задолжителна вакцинација доколку нема доволна бројка на доброволци во земјата. Сепак одлуката за задолжителна вакцинација ќе им биде оставена на самите држави, пишуваат американските медиуми. Во споредба со САД, и во Јужна Кореја засега има голема доверба во процесот за вакцинација. Неверојатни 80 отсто од испитаниците во Јужна Кореја велат дека сакаат да се вакцинираат, додека околу 20 отсто се противат, се наведува во анкетата на „Опиниум“. Во друго национално истражување што беше спроведено изминатиот месец од најголемиот независен анкетар на Руската Федерација, „Левада центар“, повеќе од половина од испитаниците, односно 59 отсто изјавиле дека не планираат да користат руска вакцина.
Сепак, за разлика од ваквите податоци, на повеќето истражувања за доверба во процесот на вакцинација, Велика Британија засега е првата земја во светот што ја одобри широката употреба на вакцината против ковид-19 што заеднички ја развија „Фајзер“ и „Бионтек“. Британскиот регулатор неодамна соопшти дека вакцината, која обезбедува 95-процентна заштита од ковид-19, е безбедна за употреба и имунизацијата е започната, а ќе трае сѐ додека земјата не добие колективен имунитет.


Хакирани документи за вакцината на „Фајзер“

Документи поврзани со апликацијата за одобрување на вакцината против коронавирусот на „Фајзер“ и „Бионтек“ биле цел на хакери, јавија светските агенции. Во меѓувреме „Фајзер“ објави дека и Европската агенција за лекови (ЕМА) била цел на сајбер-напад. Од компанијата додаваат дека земајќи ја предвид важноста на транспарентноста, тие ќе продолжат да даваат јасни информации за сите аспекти на развојот на вакцините и регулаторниот процес. Инаку сајбер-нападите врз здравствените установи се интензивираа за време на пандемијата, а разни хакери, од шпиони до криминалци, се обидуваат да дојдат до најновите сознанија за епидемијата.