Кипар бара меѓународна помош во борбата против големите пожари, кои властите ги опишуваат како најлоши во историјата на земјата.

Пламенот, носен од силен ветер, се шири низ јужниот дел на Кипар, поради што неколку села мораа да бидат евакуирани.

Оштетени се десетици имоти, а засега нема информации за жртви.
Кипар се соочува со врел бран кој трае долго време, а температурите достигнаа и до 40 Целзиусови степени.

Кипарските власти побараа помош од Европската унија и Израел, бидејќи пожарите, кои започнаа во саботата, се засилија.

– Дивееше како ураган и уништи сè – рече Васос Василу, водачот на локалната заедница погодена од пожарите.

Пожарникарите сега се во трка со времето за да спречат пламените јазици да се прошират на планинските и пошумените делови на земјата.

Претседателот Никос Анастасидес вели дека ова е многу тежок ден за Кипар и дека приоритет е да не се загубат животи.

Тој исто така им се заблагодари на Грција и Израел, кои ветија дека ќе испратат противпожарни авиони.

Европската унија исто така најави дека ќе испрати помош.

Неколку хеликоптери и авиони веќе се борат со пламенот, а на нив им помагаат британски трупи со опрема стационирана на островот, пренесува новинската агенција Ројтерс.