Висенте Замбада Ниебла сведочеше против наркокартелот Синалоа

Веројатно никој не го познава подобро мексиканскиот наркокартел Синалоа од Висенте Замбада Ниебла, настрана од водечките луѓе на криминалната организација, пишува „Њујорк тајмс“. Станува збор за синот на еден од лидерите на наркокартелот, Исмаел Замбада Гарсија, кој од неговото детство бил подготвуван да биде наследник на татка си.

Но, на општо изненадување, принцот на картелот ги предаде татка си и неговото вродено право, сведочејќи повеќе од пет часа за безмалку сите аспекти на империјата за трговија со дрога – за шверцерските рути, шемите за перење на пари, крвавите пресметки, личните одмазди и плаќањето на мито во износ од милиони долари.

Откажувањето на лојалноста на Замбада се случи за време на судењето на поранешниот соработник на неговиот татко, озлогласениот наркобос Хоакин Гузман – ел Чапо, во Њујорк. Излагањето на Замбада беше најдетално во однос на седумте други сведоци кои се појавија во досегашниот тек на судскиот процес, што почна во ноември минатата година. Таткото на Замбада останува на листата на најбарани бегалци на Администрацијата за сузбивање на дрога ДЕА.

– Почнав да сфаќам како функционира се. И малку по малку станував вклучен во бизнисот на татко ми – кажа Замбада, кој стана поручник на наркокартелот, напредувајќи низ службата. 

Во неговите надлежности спаѓало надгледувањето на пратките кокаин од Колумбија во Мексико, како и од Мексико од САД. Но, Замбада бил уапсен во Мексико Сити и екстрадиран во Чикаго каде што се очекувало да биде суден за шверцот на тони дрога. Но, неговите адвокати тврдеа дека Замбада тајно работел како шпион за ДЕА, поткажувајќи ги ривалите. Американските власти признаа оти Замбада се сретнал со федералните агенти, но одрекуваат оти тие разменувале информации. Сведочењето е дел од неговиот договор со американските власти, откако се изјасни за виновен за шверцот на дрога.