Свет
Неколку илјади мигранти, главно од земјите од Блискиот Исток, во текот на изминатиот ден направија сериозни инциденти и проблеми на границите меѓу Полска, Литванија и Белорусија, во обид да влезат на територијата на ЕУ. Според извештаите на медиумите, најдраматична е состојбата во Полска, каде што властите во земјата ги мобилизирале своите сили за територијална одбрана за да ѝ помогнат на граничната контрола да спречи влегување на голема група мигранти во земјата од белоруска страна. Според „Ројтерс“, Владата во Варшава стравува од насилни судири меѓу безбедносните служби и мигрантите во наредните денови, а помош за состојбите во техника и персонал веќе најавија дека ќе испрати и Германија, Унгарија, Летонија, но и други европски земји.
Во меѓувреме, ЕУ и НАТО ја обвинија Белорусија дека го оркестрира проблемот, тврдејќи дека тамошниот претседател Александар Лукашенко со ваков начин сака да возврати за санкциите што Западот ги наметна врз неговата земја. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, ги повика земјите-членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти, кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти на границата со Полска.
– Инструментализацијата на мигрантите за политички цели е неприфатлива – се вели во соопштението на Фон дер Лејен.
Германија против зимскиот корона-бран ќе се брани со трета доза
Ситуацијата со корона-инфекциите во Германија влегува во многу тежок период, при што земјата бележи зголемен број заболени пациенти што завршуваат на интензивна нега. Ова го изјави министерот за здравство на сојузната влада, Јенс Шпан, соопштувајќи дека земјата ќе биде принудена да воведува нови рестриктивни мерки, меѓу кои и повторно затворање и полициски час.
Како што пренесува бриселскиот магазин „ЕУ репортер“, Владата, во координација со Министерството за здравство, но и регионалните медицински институции, е на пат да воведе нови одлуки за настанатата ситуација со коронавирусот во земјата, каде што се предлага Германците да започнат со примање и на третата доза (бустер) од вакцините против ковид-19.
Во исто време, состојбата со инфекциите во Европа е загрижувачка, а европските медиуми пишуваат дека ниската имунизација, но и непочитувањето на мерките за дистанцирање, ќе придонесе до повторно затворање на Стариот Континент во пресрет на новогодишните празници.
На светот му се заканува глад од библиски размери
Светот се соочува со опасност од глад од библиски размери. За ова предупредува Дејвид Бејзли, директор на Светската програма за храна.
Како што пренесува РСЕ, 256 милиони луѓе се изложени на ризик од гладување, за што најмногу придонесе пандемијата на коронавирусот, стои во извештајот објавен деновиве од ОН и други организации. Според документот, политичката нестабилност и разорните суши исто така придонесоа за економски крах на земјата, во која пред зимата што настапува милиони семејства се соочуваат со глад.
– Речиси 23 милиони луѓе низ државите маршираат кон гладот. Околу 8,7 милиони веќе се гладни, а 95 отсто луѓе немаат доволно храна. Ова не е криза, ова е катастрофа. Подготвени сме да ги храниме овие луѓе, да спасиме животи, но потребни ни се пари. Потребна ни е поддршка – рече Дејвид Бизли.
Цвета трговијата со лажните потврди за вакцинација низ ЕУ
Европските полициски служби неделава открија неколку мрежи низ земјите на ЕУ што ги фалсификуваат сертификатите за вакцинација. Како што пренесува „Дојче веле“, во книшката за вакцинација криминалните структури со помош на софистицирана апаратура впишуваат дека лицето наводно примило вакцина против ковид-19 и издаваат дигитален сертификат за т.н. зелен пасош. Сертификатот што се смета за доказ дека неговиот сопственик е вакциниран или дека бил негативен на неодамнешен тест, во моментов е најпосакуваниот документ за Европејците, барем за оние што не сакаат да се вакцинираат, а цената за него достигнува и до неколку стотици евра.
Според западните медиуми, и покрај успесите што ги покажаа истрагите, и натаму е многу лесно да се добие фалсификуван сертификат за вакцинација. Полициските служби известуваат за зголемен број откриени фалсификати, а во некои земји на Унијата за поседување лажен сертификат се одредува казна затвор и до две години.