Фото: Твитер/Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон ја отфрли можноста дека претстојното француско претседателството со ЕУ ќе биде засенето од француските претседателски избори, додавајќи дека неговата држава ќе ги застапува интересите на европскиот блок во целина, но всушност, тој би можел да добие идеална платформа за неговата кампања, пишува „Блумберг“.

Во текот на два часа, францускиот лидер зборуваше за миграцијата, европската одбрана, надворешната политика и за буџетските прописи како приоритети на француското претседателство, во текот на прес-конференцијата емитувана на националната телевизија. Но кога Макрон го заврши обраќањето, новинарите во најголема мера го прашуваа за судирањето помеѓу француското претседателство во првата половина од 2022 година и неговата кандидатура за реизбор на француските претседателски избори во април.

– Макрон имаше можниост да го одложи француското претседателство за да го избегне мешањето на претседателските избори со пошироката агенда на ЕУ, за што беше советуван и од неговите соработници, според запознаените со дискусиите. Но тој одлучи двата настана да се поклопат – пишува „Блумберг“.

Ова значи дека Французите ќе ја имаат предвид и европската политика кога ќе одлучуваат дали Макрон да добие втор мандат. А останатите лидери од ЕУ би можеле да се соочат со зголемен притисок да го испорачаат тоа што Макрон смета дека би ги задоволило неговите гласачи во Франција. На тој начин француското претседателство на Макрон би можело да му пружи платформа за изборната кампања, заклучува американската агенција.