Конечно истече времето за Кирстјен Нилсен, министерката за внатрешна безбедност на САД во владата на претседателот Доналд Трамп, пишува „Њујорк тајмс“.

Условите за нејзиното заминување сè уште не се познати. Таа вчера се сретна со претседателот за да разговара за континуираните проблеми на јужната граница на САД, а на крајот од состанокот Трамп напиша на Твитер дека таа заминува од позицијата. Претседателот ѝ се заблагодари за нејзината работа, со што имплицираше дека тој побарал од неа да поднесе оставка.

Во формалното писмо од Нилсен, таа посочува дека ова било вистинско време за нејзино заминување од позицијата министер за внатрешна безбедност, а со оглед на тензиите меѓу претседателот и министерката, најизненадувачки е тоа што нејзината оставка не се случи неколку месеци претходно.

Според пишувањата на „Њујорк тајмс“, таа наводно била навистина несигурна околку нејзината работа во последните неколку недели, откако претседателот Трамп неколку пати зборуваше за „хаосот“ на границата со Мексико и вети дека се неопходни поцврсти чекори за решавање на мигрантската криза. Дополнително, претседателот стана нестрплив со инсистирањето на Нилсен дека федералните закони и меѓународните обврски ѝ ги ограничуваат можностите да делува.

Не е тајна дека Доналд Трамп имаше проблем со Нилсен, која ја сметаше за „слаба“ и недоволно одлучна во однос на безбедноста на границата. Претседателот и неговиот советник за имиграција Стивен Милер веќе долго време (приватно) се жалеа за недоволно бруталниот пристап на министерката поради напливот на семејства мигранти преку границата. Минатиот мај, во јавноста се појавија пишувања за тоа дека Доналд Трамп јавно ја критикувал Нилсен пред целиот кабинет поради тоа што таа не успеала да ги прекине преминувањата на границата на мигрантите. Уште тогаш, скоро пред една година, се шпекулираше дека Кирстјен Нилсен ја имаше подготвено оставката од позицијата.

– Во период од повеќе од две години работев неуморно за да ги остварам целите на Стејт департментот – напиша таа во писмото за својата оставка.

Нејзините одговори на притисоците и незадоволството од нејзиниот шеф беа морално, анемични и стратешки некохерентни. Минатото лето, откако и републиканците и демократите, но и голем дел од американската јавност ги критикуваа практиките на администрацијата да ги делат децата-мигранти од нивните семејства на границата, Нилсен јавно ја бранеше оваа одлука. Таа дури неколку пати инсистираше на тоа дека администрацијата на Трамп нема донесено такви одлуки, дури и кога беше очигледно дека нејзината служба на границата веќе ги спроведуваше.

– Миграцијата не беше единственото прашање со кое Нилсен имаше серизони проблеми. Недоследноста на нејзините одговори во однос на прашањето за тоа дали Русија била вмешана во изборите во 2016 година дополнително ѝ ставија притисок на министерката. Во еден случај, таа се повикуваше на фактите од истрагата на разузнавачките служби дека Кремљ имал лоши намери. Во други случаи, таа го поддржа гледиштето дека Русија не го фаворизирала Трамп на изборите. Се чинеше дека секој нејзин став дополнително ја збунуваше јавноста и не разјаснуваше ништо – констатираат од престижниот американски весник.

Сега, заминувањето на Нилсен е во склоп на широката реконструкција на нејзиното министерство. Само два дена пред состанокот со министерката, претседателот ја повлече неговата номинација за следниот прв човек на Агенцијата за имиграција и царина, велејќи дека неопходно е да се оди во „поцврста“ насока. Веројатно, во таа иста „поцврста“ насока се размислувањата на претседателот Трамп и со наследникот на позицијата на Нислсен.

– Алармантно е тоа што некој што ставаше деца во кафези наводно поднесува оставка поради тоа што не е доволно брутален за администрацијата на Трамп – рече претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД Ненси Пелоси.

Според „Њујорк тајмс“, ако Нилсен сака да направи уште еден последен чин од јавен интерес, таа треба да ѝ расчисти на јавноста која била цената на политиките која таа ги спроведуваше минатата година и пол, не само за очајните мигранти кои бараат подобар живот во САД, туку и за илјадниците нејзини вработени кои беа принудени да спроведуваат нехумани и неефективни политики.