Врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, смета дека неговата држава успеала да им одговори на САД, гранатирајќи ги американските војници во Ирак.

– Тоа беше шлаканица за нив – изјави Хамнеи зборувајќи во светиот град Кум.

Хамнеи нагласи дека овие дејства на Иран се помалку сериозни од американските операции во текот на кои беше убиен иранскиот генерал Касем Солејмани.

– Нападите не се еквивалентни на она што тие го направија – нагласи иранскиот лидер.

Хамнеи додаде дека присуство на САД во регионот мора да заврши, наведувајќи дека тоа е извор на корупција и дека поттикна војна, поделби и уништување.

И иранската армија инсистира на тоа дека САД мора да ги повлечат своите трупи од Блискиот Исток, објави националниот радиодифузер повикувајќи се на информиран извор. Оттаму прецизираа дека ниту една од ракетите во Техеран насочена кон американските цели во Ирак не била пресретната и дека во нападот загинале 80 лица.

Истиот ТВ-извештај посочи дека бројот на лансирани проектили бил 15 и дека тие сериозно ги оштетиле американските хеликоптери и друга воена опрема. Според државната телевизија, Иран има уште 100 цели во предвид во случај САД да продолжат со одмазднички мерки.

Портпаролот на иранската влада, Али Рабиеи изјави на Твитер осврнувајќи се на операцијата: „Благодариме за успешната операција на Револуционерната гарда… Никогаш не сме сакале војна, но секоја агресија ќе добие силен одговор“, објави тој.

Според Фоад Изади, професор по политички комуникации на Универзитетот во Техеран, Иран соодветно реагирал на нелегалниот напад од САД, велејќи дека Исламската Република дејствувала во самоодбрана во согласност со Повелбата на ОН.

„Трамп требаше да добие лекција, тој е надвор од контрола и Иран мораше да му одржи лекција“.

Изади тврди дека Иран не бара воена конфронтација со Америка, туку ќе се брани во согласност со она што го ветија иранските лидери.

– Одговорот ќе биде сразмерен со она што го направија САД. Ако САД повторно го нападнат Иран, Иран повторно ќе одговори – истакна тој.