Чешкиот претседател, Милош Земан, изјави дека мисијата на НАТО не успеала во Авганистан и ја повика неговата земја да се фокусира на националната одбрана, а не, како што кажа, да троши пари за тој воен сојуз.

Земан посочи дека главната улога на НАТО е борбата против глобалниот тероризам, но дека алијансата не успеала во таа задача, пренесува „Ројтерс“.

„Недовербата кон НАТО ќе се зголеми во многу земји -членки по ова искуство, бидејќи тие ќе речат – ако не успеавте во Авганистан постои ли гаранција дека нема да направите грешка и во друга критична ситуација“, истакна Земан.

„Сега кога инвестирањето во НАТО е само залудно трошење пари, нашите трошоци за одбрана треба да се фокусираат на националната одбрана и воените набавки“, смета чешкиот претсдател.

НАТО денеска објави дека талибанците не смеат да дозволат Авганистан повторно да стане жариште на тероризмот и предупреди дека алијансата ја задржува воената моќ и дека може да ја нападне секоја терористичка група.

Според чешкиот устав, претседателот е врховен командант на чешките вооружени сили, но владата е таа што ја одредува одбранбената политика.