Две години откако ирачките сили го презедоа градот Мосул од Исламска држава, малите продавници за алкохолни пијалаци повторно ги отворија своите врати, а отворени се и нови.

Муштериите купуваат шишиња или лименки со алкохолни пијалаци кои потоа ги ставаат во црни пластични кеси или, пак, течноста ја префрлаат во пластични шишиња без етикета.

Во ирачкиот град Мосул, пред нападот на Исламска држава во 2014 година, чиј самопрогласен калифат се протегаше до соседна Сирија, живееја околу два милиона луѓе. Мосул под власт на Исламската држава беше три години.

Производи како алкохол и цигари, врз основа на строгите правила на таа милитантна група, беа забранети, а продавниците кои ги продаваа беа запалени и уништени.

Сопственикот на продавница за алкохол, Немат Хасан, изјавил дека ИД ја запалил неговата продавница во градот.

– Имав стока вредна повеќе од 40 илјади долари, а сè изгоре – објаснува Хасан.

Откако градот повторно е под контрола на ирачките сили, некои од граѓаните одлучија да се вратат во остатоците од своите домови и да ги обноват своите продавници. Хасан повторно ја отворил продавницата и вели дека досега немал никакви проблеми.

– Сега нема никакви проблеми, фала му на Бога. Немаме закани од никакви групи, нема никакви проблеми во Мосул – додал трговецот.