Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, денеска одржа прес-конференција на која зборуваше за нови детали во врска со терористичките напади на Велигден во кои загинаа најмалку 320 луѓе, меѓу кои и 45 деца.

Одговорноста за овие напади ја презеде Исламска држава. Сепак, иако тие тврдат дека се одговорни за експлозиите, не понудија никакви докази за тоа. Веста дека организацијата ја презема одговорноста за крвавите инциденти ја објави „Амак“, новинската агенција на терористичката мрежа.

– Слушнавме дека Исламска држава ја презема одговорноста. Обуката и координацијата на терористите беше таква каква што не сме виделе никогаш досега – рече Викремесинге.

Сепак, премиерот потврди дека нападите можеле да бидат спречени.

– Можевме да ги спречиме овие напади, или барем да влијаеме да бидат од помали размери – рече 70-годишниот Викремесинге.

Според агенцијата „Ројтерс“, разузнавачите од Шри Ланка биле предупредени за можни бомбашки напади неколку часа пред експлозиите. Индиски разузнавачи ги контактирале своите колеги од Шри Ланка два часа пред првиот напад за да ги предупредат на конкретна закана насочена кон црквите во земјата, изјавиле извори од одбраната на Шри Ланка и од индиската влада.

Сите уапсени кои се поврзани со нападот имаат државјанство на Шри Ланка.

Во врска со тоа дали нападите се одмазда за масакрот во џамиите во Нов Зеланд, премиерот на Шри Ланка одговори дека е можно, но не можат да тврдат со сигурност.

Идентитетот на повеќе бомбаши-самоубијци е веќе познат, но не на сите. Според најновите информации, двајца браќа муслимани учествувале во самоубиствениот бомбашки напад во ресторан на хотел.

Викремесинге потврди дека бил планиран и четврти напад врз друг хотел, но терористите не успеале да го спроведат.

Досега во врска со нападите се уапсени 40 луѓе, а во земјата е воведена вонредна состојба.