Фото: Твитер/Бела куќа

Американскиот претседател Џо Бајден неделава се соочи со зголемените тензии со Кина и со Русија, тестирајќи ја сопствената способност за справување со ривалите, а истовремено барајќи од другите држави да изберат страна, пишува „Си-ен-ен“.

Во изминатите два дена, Белата куќа објави дека американските дипломати ќе ги бојкотираат Зимските олимписки игри во Кина в година, а Бајден одржа и видеосостанок со рускиот претседател Владимир Путин во кој порача оти САД се подготвени да наметнат економски санкции во случај на руска воена акција во Украина.

Предвидено е Бајден да одржи и демократски самит осмислен да покаже сила против авторитарните режими, со цел за поддршка на демократијата и за поттикнување на американските сојузници да заземат поцврст став кон Русија и Кина.

Бајден ги убедуваше и европските лидери да му се придружат во предупредувањето со економски санкции врз Русија во случај на инвазија на Украина, наспроти можноста Русија да ја намали испораката за гас на Европа.

Последните настани го покажаа пристапот во надворешната политика на Бајден – изолирајќи ги режимите кои САД ги сметаат за недемократски, додека истовремено се ангажира со нивните лидери. Таквото балансирање ја покажува конкуренцијата за која американскиот претседател смета дека ќе го дефинира остатокот од веков, заклучува „Си-ен-ен“.