Генералот Халифа Хафтар долго време се закануваше дека ќе го освои Триполи. Досега неговите постапки беа нејасни. Никој не е сигурен зошто тој токму сега тргна во офанзива на главниот град на Либија. Какви и да се неговите причини, походот почнува да личи на погрешна процена. Генералот ризикува, не само да ја загуби битката за Триполи, туку и останатите придобивки што досега ги оствари, пишува „Економист“.
Тој можеби бил охрабрен од значителниот напредок низ југот на Либија, кој го освои во молневита кампања годинава. Многумина од жителите на тој регион го поздравија доаѓањето на генералот, верувајќи дека ќе донесе стабилност. Хафтар зазема градови и нафтени полиња без големо крвопролевање.
Но освојувањето на западот нема да биде толку лесно. Локалните милиции порачаа дека ќе го спречат напредувањето на генералот. Хафтар со месеци работеше на придобивање на силите на западот, од кои дел беа незадоволни од владата, но се чини оти тие сега се обединети против него.
Офанзивата на генералот ги посрамува неговите бројни странски сојузници. Египет и Обединетите Арапски Емирати му пружија воздушна поддршка. Франција испрати специјални сили на истокот, а се претпоставува дека Русија му продаваше оружје. Сојузниците на генералот номинално ги поддржуваа мировните иницијативи на Обединетите нации во Либија, но ги толерираа сплеткарењата на Хафтар.
Јасно е зошто генералот Хафтар се чини како добра опција по осумгодишниот хаос во Либија, откако воспостави контрола на истокот. Но, здравјето на 75-годишникот е променливо. Неговата армија ЛНА претставува конфузен спој од разни милиции, поврзани преку заеднички интереси и пари. Таа не ја претставува целата држава, а некои нејзини членови ниту не се Либијци. Империјата на генералот можеби нема да трае долго.
Преку брзото испраќање на главниот дел од неговите сили на запад, генералот остави вакуум на територијата што веќе ја држи. А џихадистите се обидуваат да ја искористат ваквата состојба, преку напад на централниот град Фукаха. Немирите на југот и на истокот го загрозуваат извозот на нафта што претставува 90 отсто од приходите на владата.
Двете страни тврдат дека победуваат. Но ЛНА можеби зема преголем залак. Нејзините линии се истенчени и ќе има потешкотии да го продолжи снабдувањето преку непријателска територија. Таа го зазема, па го загуби, нефункционалниот меѓународен аеродром во близина на Триполи. Но, повлекувањето на ЛНА не делува веројатно. Тоа не е одлика на Хафтар. А долгата битка би можела да донесе големо страдање за Либија.