Американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео ги игнорираа условите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Вашингтон да покаже поголема флексибилност во нуклеарните разговори до крајот на оваа година, а Помпео порача дека лидерот на Северна Кореја треба да го задржи своето ветување дека пред тоа ќе се откаже од нуклеарното оружје.
Запрашан за условите што Ким ги изнесе во петокот дека е заинтересиран за средба со Трамп само ако САД покажат „соодветен став”, Помпео рече дека претседателот е „решен да продолжи дипломатски”.
Но, тој потсети дека Ким се обврзал на денуклеаризација „и сите заедно мораме да го видиме тоа”.
– Нашите тимови работат со Севернокорејците за да го дефинираат патот по кој ќе стигнеме таму. Тој рече дека сака да се случи тоа до крајот на годината. Сакам тоа да се случи и порано- вели Помпео.
Трамп и Ким се состанаа двапати, во Ханој во февруари и во Сингапур во јуни, градејќи добри лични односи, но не успеаја да постигнат договор за укинување на санкциите во замена за севернокорејското повлекување од нуклеарната и ракетната програма.