Папата Франциско денеска ги критикуваше лошите и погубни навики за јадење на околу 700 милиони луѓе на планетата кои имаат прекумерна тежина, во порака испратена до Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), а по повод Светскиот ден на храната.
– Гледаме дека храната престанува да биде средство за преживување и станува средство за лично уништување – коментира папата во пораката до ФАО.
– Така, покрај 820 милиони гладни луѓе од едната страна на вагата, имаме 700 милиони лица со прекумерна тежина на другата – нагласи тој.
Прекумерната тежина не само што е симбол на богатите нации, туку е и пораз за сиромашните земји, каде се јаде малку и слабо, предупреди папата.
– Патологијата поврзана со богатството доведува до дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, но исто така и анорексија и булимија. Мора да се бориме против нарушувањата на исхраната во контекст на животниот стил негувајќи скромност, умереност, воздржаност, самоконтрола и солидарност – препорача папата.
Тој го опиша како суров, неправеден и парадоксален фактот дека денес има храна за сите, но истата не е подеднакво достапна за сите нас.