Поголем дел од понискиот ешалон на венецуелската армија би можел да дезертира доколку добие наредба за напад на опозициските демонстранти. Истовремено, вооружените сили на земјата набрзина би можеле да формираат жестока одбрана против евентуална интервенција однадвор, а напаѓачот ќе се соочи со многу предизвици, како што се непристапен терен, логистички проблеми и герилска тактика, се наведува во анализата на американски „Стратфор“.
Откако САД и поголемиот дел на Јужна Америка го признаа венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател, а претседателот Николас Мадуро за нелегитимен, земјата забрзано се движи кон хаотична и насилна транзиција на власта. Како што растат влоговите, така се зголемува и шансата за странска воена интервенција во Венецуела, особено ако Каракас одговори со масовно насилство против опозициските демонстранти. Поголем дел од понискиот ешалон на венецуелската армија би можел да дезертира доколку добие наредба за напад на опозициските демонстранти. Истовремено, вооружените сили на земјата набрзина би можеле да формираат жестока одбрана против евентуална интервенција однадвор, а напаѓачот ќе се соочи со многу предизвици, како што се непристапниот терен, логистички проблеми и герилска тактика, се наведува во анализата на американски „Стратфор“.
Венецуелската армија несомнено се наоѓа во значително ослабена состојба по повеќегодишната домашна криза и турбуленции. Владата на Мадуро, според „Стратфор“, може да ја задржи лојалноста на највисоките воени офицери, но не може да смета на поддршка од сите нивоа на војската. Токму загриженоста за лојалноста на војската најверојатно го обесхрабрува Каракас да им нареди на војниците да ги потиснат демонстрантите, принудувајќи ја Владата да смета на паравоените формации како што е Националната гарда.
Корупцијата, непотизмот и хронизмот исто така ја изедоа ефикасноста на вооружените сили. Сѐ поголемиот број фракции го засилија влијанието на овие недостатоци, кои почнаа да ги поткопуваат командата, контролата и соработката помеѓу различните делови на војската. Ако се земат сите работи предвид, венецуелската војска можеби изгледа дека е една од најсилните во Јужна Америка, но нејзините длабоки проблеми значат дека не е во позиција ефикасно да ја брани земјата од сериозен надворешен напад.
И покрај тоа, има повеќе причини зашто странска воена интервенција во Венецуела воопшто нема да биде лесна. Прво, иако поголемиот дел од вооружените сили може да одбие наредба за напад врз сограѓаните, евентуална инвазија би можела да ги обедини против надворешниот агресор. За разлика од либиската армија пред интервенцијата во 2011 година, која доведе до соборување на Моамер Гадафи, вооружените сили на Венецуела се многу подобро опремени, а и географијата е на нивна страна. Покрај тоа, Венецуела би можела да добие засилена надворешна поддршка од сојузниците, како што е Русија, што дополнително би ги искомплицирало плановите за интервенција.
Евентуалната надворешна воена акција против Венецуела би вклучувала масовна воздушна кампања, чија главна цел ќе биде добивање воздушна предност. Единствената држава способна за спроведување таква кампања се САД. Колумбија и Бразил, двата регионални супертешкаши, немаат доволно авиони за неутрализирање на противвоздушната одбрана и авијацијата на Венецуела. Американската воздушна кампања несомнено ќе ја уништи венецуелската воена авијација, но за тоа се потребни значителни напори за потиснување и уништување на противвоздушните системи на копното.
Покрај тоа, венецуелската армија е многу голема и релативно добро опремена со лесно и тешко оружје. Овие сили исто така ја имаат предноста од густиот урбан терен, како и од џунглите, поради што ќе биде потребна екстензивна воздушна кампања за нивно уништување, ако тие продолжат да даваат активен отпор.
Земајќи ги предвид големината и населеноста на Венецуела, земјата или земјите што ќе напаѓаат мора да имаат на располагање значително воени сили. Овие сили потоа треба да се соочат со проблемот за избор на маршрута во Венецуела. Директната поморска интервенција е многу ризична, бидејќи амфибиските операции се едни од најкомплицираните и најопасните воени маневри. Копнените маршрути за инвазија од Колумбија или Бразил исто така се соочуваат со тежок терен, комплицирана логистика и долги линии на снабдување, кои ќе бидат ранливи на герилски напади.
Големината, населението, географијата и армијата на Венецуела гарантираат дека долга воена кампања ќе биде неизбежна ако првичната акција не ја собори набрзина владата на Мадуро или, пак, не поттикне колапс на вооружените сили. Дури и напаѓачките сили да се успешни, лидерите на воената интервенција ќе се соочат со голем хаос, во кој ќе мора набрзина да се префрлат од офанзивни операции кон воспоставување на новата влада и поддршка за нејзините напори за обнова на економијата и системот за дистрибуција на храна, заклучува „Стратфор“.
Вашингтон предупредува: Во случај на насилство следува значителен одговор
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џон Болтон, ја предупреди владата на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, дека какво било насилство или заплашување на дипломатскиот персонал на САД, или на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо би наишло на значителен одговор. Болтон посочи дека се добро познати кубанската поддршка и контрола врз безбедносните и паравоените сили на Мадуро.
Мадуро претходно ги обвини САД дека планираат инвазија врз Венецуела, како и оти продолжуваат со обидите за државен удар. Тој при посетата на две воени бази западно од Каракас повторно упати апел до војниците да ѝ останат лојални на неговата влада, додека опозицијата во касарните подели копии од усвоениот Закон за амнестија.