Бомби и понатаму продолжуваат да паѓаат во градови и во Ерменија и во Азербејџан, по обновениот конфликт меѓу двете земји за Нагорно Карабах. Лидерите на двете земји со остри изјави ги минимизираат шансите за дипломатско решение на конфликтот. Според официјалните извештаи од Баку и од Ереван, од азербејџанската страна загинале 27 цивили од почетокот на конфликтот во Нагорно Карабах, а 19 од ерменската страна. Бројот на цивилни жртви во Азербејџан се искачи на 27 од почетокот на конфликтот, додека 141 цивил се ранети, соопшти вчера канцеларијата на азербејџанскиот државен обвинител. Вчера, исто така, ерменскиот министер за здравство, Арсен Торосијан, изјави дека најмалку 19 цивили биле убиени и 80 биле ранети во Нагорно Карабах. Во исто време, ерменските власти постојано тврдат дека азербејџанските сили со разни оружја гранатираат населби во Нагорно Карабах, вклучувајќи го и главниот град на непризнаената република, Степанакерт.