Делницата од Бургас (Бугарија) до Брест (Франција), таа на велосипед ја извозе за 10 дена, два часа и 48 минути!

Германката Фиона Колбингер беше подобра од над 200 мажи и стана првата жена победник на Трансконтиненталната трка за издржливост, возејќи велосипед 4.000 км низ цела Европа за 10 дена, два часа и 48 минути!
– Изненадена сум што победив. Кога ја започнав трката мислев дека можеби имам шанси да се најдам на женскиот подиум, но никогаш не помислив дека можам да победам на целата трка. Можев и побрзо доколку спиев помалку – изјави Колбингер, која беше една од 40-те жени меѓу 265-те учесници.

Колбингер (24), студентка по медицина од Дрезден, издржа грмотевици, високи температури и леден дожд на своето патешествие што започна во Бургас, Бугарија, на 28 јули, и заврши во Брест, во северозападна Франција, минувајќи низ пет други земји, возејќи по 19 часа дневно и спиејќи само по пет часа! За неа ова беше прва ваква ултратрка. Второпласираниот, Британецот Бен Дејвис, доцнеше шест часа зад Колбингер.

Трансконтиненталната трка постои од 2013 година и се смета за една од најнапорните соло-трки во светот, а делницата варира од 3.200 до 4.000 км.
Првата трка започна во Лондон, а заврши во Истанбул. Белгиецот Кристоф Алегерт победи на воведните две трки, пред Џош Ибет да стане првиот Британец, победник во 2015 година. Во 2016-та повторно победи Алегерт, а потоа во 2017 и 2018-та, најбрз и најиздржлив беше Британецот Џејмс Хајден.

Но како се одвива и какви се правилата за трката?
Натпреварувачите мораат да се водат по строги правила во текот на трасата, која ги води низ седум или повеќе земји, меѓу кои се Австрија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Франција, Италија, Косово, Србија, Словенија и Швајцарија.
Велосипедистите можат да изберат свој пат, но мора да поминат низ четири контролни точки, притоа возејќи по различни терени, вклучувајќи нерамни патишта и тешки искачувања, како што се на пример преминот Тимелјох, на надморска височина од 2.474 метри во Јужен Тирол, на границата помеѓу Италија и Австрија и на познатиот Кол де Галибие, на 2.645 метри во Франција. На велосипедистите не им е дозволено да прашуваат кого било за патот или да побараат или да добијат техничка поддршка и мора сами да си најдат храна и сместување.