Фото: Принт-скрин

Австралискиот весник „Ејџ“ за српското видување на ситуацијата со најдобриот светски тенисер

Балканците имаат склоност кон драматичност (само прочитајте го фолклорот на регионот и слушнете ги нивните народни песни), но внимателна сум да не кажам дека ние, Австралијците, никогаш не би реагирале на овој начин, пишува Анита Самарџија во колумната насловена „Жртва, Спартак, Исус: Долгата историја зад реториката за Ѓоковиќ“, за австралискиот весник „Ејџ“. Во нејзиниот авторски текст, таа се осврнува на начинот на кој српските медиуми и јавност го поврзаа случајот на Ѓоковиќ со нацијата и со српските митови.

Само размислете што ќе сторевме ние ако успешен австралиски спортист, ако не и најуспешниот австралиски спортист, го искусеше ова. Да пристигне во државата и да биде „задржан“ додека организаторите на турнирот и државните и федералните власти на таа држава не можат да објаснат што тргнало наопаку… а потоа да ја сменат нивната одлука. Дали нашиот сакан спортист не би бил шокиран или изнервиран? Дали ние како Австралијци исто така не би биле?

– Можеби не би се повикувале на Исус Христос, но би можеле да позајмиме зборови и фрази од нашата национална реторика. Зборовите користени за опишување на ситуацијата на Новак делуваат претерано, а некои можеби ги сметаат и за забавни. „Исус“ навистина? Како побогу? Потребно е да го согледаме контекстот во кој таквата реторика не е изненадувачка – наведува авторката.

Дури и во Мелбурн ги видовме ваквиот јазик и симболи пред хотелот во кој беше сместен Новак. Неговите поддржувачи ја пееја песната „Видовдан“ при славење на одлуката на судот, а вееја и знамиња со кои се порачува дека Косово е Србија и со слоганот „Со верба во бога. Слобода и или смрт“.

– Искуството на Новак се вклопува фино во ваквиот наратив. Неговиот татко не треба да посегне далеку за да најде зборови за ваквиот тип на приказна. Тој сугерира дека третманот на Новак е сличен со искуството на српството: непоколебливата гордост на Новак и правичноста во соочувањето со обидот за угнетување и понижување од странска сила. А бидејќи ова се случи за време на православниот Божиќ, симболизмот е премногу примамлив за да се отфрли како чиста случајност. Додека поврзаноста помеѓу Ноле и нацијата можеби се чини како претерана, всушност и не е, кога таквите национални приказни се нормализирани – се заклучува во колумната на „Ејџ“.

Австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук има можност лично да интервенира доколку одлучи да ја укине визата на Новак Ѓоковиќ врз друга основа, наспроти вчерашната судска одлука, за што застапниците на австралиската влада дале назнака во судот. Извесно е дека поддржувачите на наративот за неправедниот однос кон Ѓоковиќ би добиле своевидна потврда на нивниот став и стравувања, доколку Хоук се одлучи на ваков чекор.