Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ристоски многу години беше носител на играта на македонската одбојкарска репрезентација и на тимовите за кои настапуваше. Во Македонија освои 11 првенства и 16 купа. Се афирмираше и во странство како играч, клупски тренер и како селектор со многу победи. Последниве две сезони со Ал Рајан од Доха освои вкупно пет трофеи во шампионатот и во купот на Катар

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (252)

Интересна е приказната за нашата одбојкарски легенда Жарко Ристоски на патот кон успехот. Тој потекнува од тетовското село Лешок, кое, пак, е познато како најодбојкарско село во Македонија. Во една таква ситуација, кога си веќе оттука и не можеше да се случи, ако веќе се занимаваш со спорт, да бидеш нешто друго освен одбојкар. Имаше исклучоци, како на пример со неговиот татко Зоран, популарно наречен Мелиќ, кој отиде во фудбалот и неколку години настапуваше за еден од најстарите македонски клубови Љуботен. Но иако афирмацијата ја доживеа во овој спорт, мора да се каже оти и тој едно време помина на одбојкарските терени. Затоа и реков дека ако си од Лешок, логично е да бидеш одбојкар. Многумина ќе се прашаат од каде таа љубов кон овој спорт токму во ова потшарпланинско село. Одговорот не е тешко да се најде. Имено, не само во Лешок туку и во другите села во Македонија инфраструктурата во минатото, па некаде и денеска не дава можност за занимавање со други спортови. Некако најлесно беше на многу помала површина, одошто е потребно на пример за фудбалски терен, да се изгради игралиште за одбојка. Токму такво игралиште имаа и децата од Лешок, па затоа не е чудно што овој спорт многу години, па и денес, вирее во ова село.
– Љубовта кон спортот, особено кон одбојката, се роди најмногу по инсистирање на татко ми, кој сакаше неговите два сина да бидат спортисти. Верувајте и денес како да ми одsвонуваат во моите уши зборовите на татко ми, кој уште од младоста ја почувствува убавината на спортот, па затоа настојуваше јас и брат ми Томислав да бидеме спортисти. Ова е можност да кажам дека и Томислав изгради убава одбојкарска кариера, па на некој начин бидејќи беше постар од мене – ми беше идол. Настојував и јас да тргнам по неговите стапки и со голем ентузијазам влегов во одбојката. Бев решен максимално да се докажам во овој спорт, за кој навистина бев загреан, што впрочем говори и податокот оти на седумгодишна возраст секојдневно со другарите одев во месноста Косто, во нашето село, каде што имаше услови да се игра одбојка. Не можеше да помине ниту еден ден, а јас да не заиграм одбојка. Но тоа беа, онака, пионерски почетоци. Вистинското вклучување во спортот, кој потоа стана и мој живо, беше на 13-годишна возраст, кога станав член на ОК Лешок, со кој освоивме две кадетски првенства на Македонија. Тоа беше знак дека е родена една млада генерација, за која прашање беше само како ќе се развива и напредува. За наша среќа тука беа големите ентузијасти Живко Масевски и популарниот Драшко, кои не само што ни ја всадија љубовта кон одбојката туку неуморно работеа во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во селото Теарце, со единствена цел од нас да создадат квалитетни одбојкари. Подоцнежните резултати тоа и го потврдија – вели тој.

ИЗВОНРЕДЕН ПРИМАЧ НА СЕРВИС

Во одбојката, како впрочем и во другите екипни спортови, има специјализација за играње на определени позиции. Тренерите веднаш оценија оти Ристоски е како роден за примач на сервис. Тоа може да го прават одбојкари со добар рефлекс и мек прием на топката, зашто по жестоките и силни сервиси од противниците, со внимание треба да се следи топката, која потоа треба да се смири и да се организира противнапад.
– Приемот ми беше извонреден и по тоа станав препознатлив уште при првите настапи. По почетоците во Лешок и во Теарце, каде што ги научив основните работи во одбојката, патот ме доведе во Љуботен во кој бев меѓу најмладите првотимци, за потоа, кога имав 17 години, да поминам во екипата на Југохром од Јегуновце, која во тој период играше значајна улога на македонската сцена. Таму средината многу ми одговараше, сите бевме другари, екипата беше уиграна, па како резултат на тоа дојде освојувањето на пет купа на Македонија. Станавме специјалисти за Купот и кога ќе стигневме до завршните пресметки сите прогнозираа дека ние ќе бидеме победници. Бевме една генерација што остави траен белег во одбојкарскиот спорт. Во тој тим како предводници беа Владимир Ѓорчевски, таткото на сегашната тениска шампионка Лина, и Борис Чуприна – вели Ристоски.
Интересно е дека во годините кога беа освоени петте купа на Македонија, Југохром ниту еднаш не стана првак на државата. Тоа звучи малку чудно, но е вистинито.
– Никако не можевме да дојдеме на највисокото место на пиедесталот, најмногу поради фактот што скопските екипи Вардар и Работнички беа посилни и во континуитет ја одржуваа формата. Годините во Југохром беа прекрасни, во овој клуб беше моето вистинско калење, но моите желби одеа подалеку, сакав да станам член на една шампионска екипа. Го одбрав Работнички Фершпед, кој предводен од Јошко Миленкоски стана навистина неприкосновен на нашата сцена. Јошко си ја знаеше својата работа, тој го печеше овој занает уште како играч, а потоа и со неговиот професор и селектор Димитар Циев. Од она што ми беше понудено во Работнички јас бев презадоволен, па во скопскиот тим останав цели 10 години. Тоа беше период кога клубот освои десет шампионски титули, а имаше исто толку трофеи и во Купот. Едноставно, никој не можеше да нѐ сопре, игравме константно и на едно високо ниво – вели Жарко Ристоски.

СО ЈОШКО НА ЕВРОПСКАТА СЦЕНА

Работнички Фершпед создаде една силна екипа, во која актери, покрај Жарко Ристоски, беа уште Зафиров, Митев, Наковски, Модев, Српчев, Алексиќ и други. Сите тие со своите игри и квалитети покажаа дека се одбојкари подготвени за големи подвизи, но конкуренцијата во европските купови беше многу силна, па и покрај желбата да се оди во завршницата тоа беше многу тешко и се стигнуваше само до четврт-финалето. Меѓутоа, во рамките на ЦЕВ имаше и други купови што им отвораа шанса на екипите што не стигнале во завршницата од најсилниот, да играат барем во некој друг, исто така, квалитетен куп.
– Во Македонија, Работнички Фершпед навистина беше супериорен, но мора да се истакне оти во тој период имаше сериозна конкуренција во екипите на Струмица и на Шкендија, кои, исто така, во своите редови имаа квалитетни одбојкари. Овој факт уште повеќе нѐ мотивираше и придонесуваше во континуитет да ја одржуваме добрата форма. Дуелите со овие две екипи беа убав тест за нас и нѐ тераа постојано да бидеме будни. Како резултат на тие жестоки битки на домашната сцена, дојде и успехот на европската сцена. Така, во 2007 година Работнички Фершпед беше првата македонска екипа што се пласира во фајналфор на европскиот Топ-тимс куп. Завршницата беше во Модена, а против себе имавме екипи, како Омнио и Берлин, кои во своите буџети годишно имаа и по 10 милиони евра, сума за која ние можевме само да сонуваме. Сепак, одигравме добро и достојно ја репрезентиравме македонската одбојка. Потоа, играв во фајналфор на истиот Куп во Рим, но, овој пат, за екипата на Будванска Ривиера, во која Миленкоски беше тренер, а јас еден од клучните играчи. Таму бевме поуспешни и го освоивме третото место, а мојата радост беше уште поголема зашто го освоив последниот победнички поен во мечот за бронзата – вели Ристоски.
Инаку, пред доаѓањето во Будва, во 2003 година, Ристоски ја продолжи играчката кариера во Динамо од Букурешт. Оваа екипа не успеа да биде шампион, но затоа, пак, во ерата на Ристоски, Динамо беше освојувач на романскиот Куп.
– Штета што не бевме шампиони. Имавме добра екипа, но на крајот моравме да се задоволиме со второто место – вели Жарко.
По настапите за екипите од Романија и од Црна Гора, Ристоски со оглед на тоа што наполни 34 години, се сметаше за „стар“ (!) и сакаше да му стави крај на активното играње. Но по многуте возбудливи одбојкарски години, тоа не можеше лесно да се случи и продолжи на Кипар во екипата на Омонија. Таму даде голем придонес за освојувањето на второто место во шампионатот, како и за освоениот куп во оваа островска земја.
За натамошниот тек на кариерата на Жарко Ристоски ќе читате идната недела.


Жарко Ристоски

Роден: во 1975 година
Играчка кариера: ОК Лешок, Теарце, Љуботен, Југохром, Работнички Фершпед, Динамо (Букурешт), Будванска Ривиера (Будва), Омонија (Кипар), Шкендија, репрезентативец на Македонија во сите категории
Успеси: 11 екипни титули во Македонија (Работнички Фершпед и Шкендија), 18 освоени Купа дома и во странство (Работнички Ф. 10, Југохром пет, Шкендија, Динамо и Омонија по еден), бронза од Топ-тимс купот (Б. Ривиера) во Рим, четврти во Модена со Работнички
Тренерска кариера: селектор на Македонија со две сребра и една бронза од Европската лига, освоен куп и првенство на Кипар со Неа Саламина, суперкуп со Омонија, пет трофеи во куп и во првенство на Катар со Ал Рајан од Доха, селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија, тренер во Танурин (Либан), Шененверд (Швајцарија), освоени куп и првенство со Шкендија (тренер и играч)