Спасеновски и Заборски во Каиро

Европското првенство треба да се одржи од 8 до 12 мај во Задар, Хрватска

ПО НАСТАПОТ ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ВО КАИРО

Каратистот на КК Макпетрол, Петар Спасеновски (категорија до 84 кг), се пласира меѓу осумте најдобри на светската Премиер-лига, која викендов се одржа во Каиро (Египет), откако го освои првото место во групата еден со три победи. Тој ги победи Казахстанецот Данијар Јулдашев (9-6), Украинецот Константин Цимбал (4-1) и Хрватот Енес Гарибовиќ (5-1), но во четврт-финалето загуби од Украинецот Валери Соникин (1-4). Вториот претставник од овој клуб, Петар Заборски (до 75 кг), е трет во групата шест со една победа, против Мухамед Абудабус (2-1) од Либија и два пораза, од Енцо Бертон (0-2) од Франција и Абдала Хешам Абделгавад (1-3) од Египет. Третиот македонски учесник во Каиро, каратистката на КК Олимпик спорт и поранешна кадетска шампионка на Европа, Вероника Костовска (до 61 кг), е четврта во групата еден со два пораза, од Фатма Наз Јенен (0-3) од Турција и Олександра Шолохова (2-4) од Украина и една нерешена борба со Алесандра Манцијакапра (1-1) од Италија.
– Петар Спасеновски покажа дека е достоен за високи дострели со најдобрите во Премиер-лигата. Уште позначајно е тоа што Спасеновски и Заборски си даваат меѓусебна поддршка и секогаш еден од нив успева да дојде до забележителен резултат на овие натпревари. Макпетрол во моментов има еден извонреден тандем во сениорска конкуренција, а во блиска иднина треба да биде осетно засилен, така што очекувам да имаме стандардно четворица каратисти од нашиот клуб на овие елитни светски лиги. Најзначајно од сѐ е тоа што нашите најдобри каратисти покажаа дека се во добра форма пред Европското првенство (ЕП), кое треба да се одржи од 8 до 12 мај во Задар, Хрватска – вели тренерот на Макпетрол и селектор на универзитетската репрезентација на Македонија, Бошко Заборски.
Во Премиер-лигата настапуваат 32 најдобри натпреварувачи во светот во секоја тежинска категорија. Во елиминацискиот дел секој каратист во својата група имаше три задолжителни борби, а потоа само прворангираниот ги продолжи борбите во четврт-финалето. Во Каиро учествуваа вкупно 374 каратисти од 58 држави од целиот свет. Г.И.