Леонардо да Винчи: Гротескни ликови

Не ти се чини дека некои работи на кандидатите од претседателската трка се бесцелни, речиси апсурдни. Како мислиш апсурдни, сите кандидати го трчаат својот изборен круг сѐ до крајот од првото полувреме, кое завршува на 24 овој месец? Не мислам на сите кандидати туку на некои од нив, кои надвор од терминот на изборите играа и играат поинакви улоги. Брат, ако сакаш да те разберам биди попрецизен, на кого мислиш и зошто бесцелни и апсурдни работи?
Колега Петре, прашуваш зошто бесцелни и апсурди, би додал дури и сизифовски? Еве зошто. Во овие триесетина години од нашето осамостојување партијата ДУИ, на чие чело се наоѓа Али Ахмети, 20 години е на власт, а тоа ѝ успева бидејќи за време на целиот период храни дел од граѓаните исклучиво со етнички теми и барања. Еднаш на власт со СДСМ, потоа со ВМРО-ДПМНЕ, со едните вака, со другите онака. Им се заарни, дваесет години се долг период, се добива впечаток дека ДУИ е партија што има корени од некое кралско семејство.
Не знам дали изреката „како и досега“ некој им ја позајмил или сами си ја измислиле, важно е дека им служи како бренд, а лидерот само неа ја изговара на македонски. Досега друго нешто лидерот Али нема изустено на македонски освен – како и досега. Барем јавно не сме го чуле. Чудно, ама така е! Додека лидерот говори, понекогаш тивко другпат погласно, со времето многу негови соработници почнаа во него да гледаат голем стратег и беа (се) убедени дека Али им заликува на Волшебникот од Оз, кој е моќен, влијателен и може сѐ да реши. Како и во сите приказни за мали деца така и Волшебникот е дволичен, обичен уличен итрец, кој игра во циркуски претстави.
Кога чергата е кратка, по должина и широчина, улогата на „како и досега“ станува речиси безначајна. Кампањата за претседател на државата е во тек, ДУИ излегува со свои кандидат, тоа е господинот Бујар Османи. Уште на почетокот се добива впечаток како Бујар да застанал пред волшебно огледало и си зборува: „Огледало, огледалце кои од седумте кандидати е најдобар за претседател на државата северна? Огледалце, нели јас сум најумен, најдобар, најубав и со големо европско искуство. Огледало, огледалце ако мене не ме одберат, нели тоа значи дека во северна владее кристална албанофобија. Тие што посакуваат да имаат шеесет и еден пратеник тоа е најголемата фашизоидна идеја изречена во овие балкански ветрометини. Нели е така огледало, огледалце?“. На ваквите прашања волшебното огледалце не одговори.
Сега откако ВМРО-ДПНЕ категорично одбива, пред избори и по нив, да коалицира со ДУИ и дека е време оваа партија да оди во опозиција, нешто што е сосема природно и нормално, во партијата на Али им дојде чудно. Како и досега, почнаа да трагаат по нови солуции и решенија. Се прашуваа, како е можно во ова демократска долина да не може да се владее – како и досега? Зарем не се доволни проблемите што ни ги создава тој Таравари, уште што друго треба да трпиме. Ако не добиеме решение за – како и досега, коцката е фрлена! Така си мислеа и говореа тие од ДУИ заедно со нивниот лидер.

По кратко размислување, првата идеја што ја понуди лидерот – предложи претседател да се избира во Собранието, со двотретинско мнозинство и со Бадинтер. Така ќе можеме долгорочно да го практикуваме – како и досега. Нели идејата е добра? Али, идејата ти е одлична, но од познати причини сите партии ваквиот предлог го одбија. Некои мислат дека со таква идеја влијанието на партиите врз претседателот би било големо, со што би се добила партократија наместо демократија.
Другата идеја на ДУИ е сите партии во земјава да се соберат на купче, ќе го поканиме и Таравари, со што ќе оневозможиме ВМРО-ДПНЕ да дојде на власт. Во таков случај, ние ќе продолжиме со употреба на – како и досега. Тоа би било повеќе од волшебно, зарем не, спомена еден член? Друг член со сомнеж се фрли во разговорот. Нема и ова да помине, иако се интересираме само за нашиот етнички политички поглед, сепак тој Таравари ми е сомнителен, тој кога бега врти десно, а опашката ја витка кон лево. Многу е итар.
Повторно се јави кандидатот Османи, кој спомена. Тој важниот од СДСМ, не сакам да ми прости што му го заборавив името, во една пригода рече: „Ме чуди како ВМРО можеше да најде таков кандидат како Гордана, кога таа е стара!?“. Така рече тој кому му го заборави името, праша еден член? Да, така рече. Идејата ми е следна, продолжи Бујар. Да речеме дека Гордана е стара, тој од Куманово е дебел и здепаст, таа другата професорка Ванковска е ниска, Стевче е бел ама црн, Пендаровски слабо гледа, Таравари е лисец, на крајот останувам само јас и гордо ќе станам претседател на северна. И уште нешто, како претседател ќе создадам безбедносно тело, во кое ќе членуваат важни личности од Западот на чело со нашиот стратегиски партнер САД, кои ќе имаат за задача да истражуваат кои од нашава мила северна имаат каква било врска со Русија, по што јас ќе преземам казнени мерки! Мислам дека идејата ми е одлична, заклучи Бујар. Пријателе Османи, имаш одлична идеја, само те молам немој да го споменуваш зборот,,гордо“ тој е дел од слоганот на Гордана. На Гордана, се зачуди Османи? Ако е така зошто тој бричениот од СДСМ ми рече дека е стара? Не знам, прашај го него, заклучи со разговорот претставник од ДУИ.
Ете гледаш, драг Петре, зошто напорите на Османи и на Таравари се бесцелни и апсурдни. Мислиш тие не заслужуваат да бидат претседатели на државата? Секако дека заслужуваат, и не само тие, сите кандидати заслужуваат, но во други околности. Многу сме расцепкани, поделени во етнички трла. Знаеш што најмногу ни недостига? Ни недостига култура, не таа високата туку таа обичната, едноставната, која може секој да ја разбере. Да те прашам нешто, кој прв спомна да се создаваат партии по етничка основа? Не знам кој прв спомна такво нешто, но вината е во сите тие што прифатија создавање и практикување политички партии базирани врз етничка основа. Резултатот го гледаме и го имаме во изобилство. Ако не се преземе нешто ново и демократско, каде што ќе биде присутно сѐ што е квалитетно од сите етнички групи, ќе продолжиме со – како и досега.

Коле Манев