Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, по неколкучасовната операција поради здобиените повреди во вчерашниот атентат, е во свесна состојба, објавија локалните медиуми.
Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо е стабилизирана, но и понатаму е сериозна, изјави утрово словачкиот министер за одбрана, еден ден по обидот за атентат.
– Во текот на ноќта лекарите успеаја да ја стабилизираат состојбата на пациентот и во овој момент се водат натамошни активности за подобрување на неговата состојба – изјави министерот за одбрана Роберт Калињак на прес-конференција пред болницата.
Словачкиот премиер се здоби со повреди во градите и стомакот и со хеликоптер беше пренесен во болница, каде му беше извршена операција што траела пет часа.
– Пациентот има повеќе прострелни рани. Неговата состојба во моментов е стабилизирана, но многу сериозна – изјави директорката на болницата во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова.
Фицо вчера беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Напаѓачот е познатиот словачки писател Јурај Цинтула, кој тврди дека пукал во Фицо бидејќи не се согласувал со политиката на Владата.