Фото: Маја Јаневска Илиева

Она што следуваше како реакција од Министерството за надворешни работи на Македонија, по инаугурацијата на Силјановска, беше целосна демонстрација на непрофесионалност од страна на МНР. Изостана од МНР дипломатската институционална етикеција, а за т.н. функционална кохабитација насочена во интерес на државата и искажаната волја на граѓаните немаше ниту трага ниту глас. Имено, во македонската јавност исклучително контроверзно, со умисла за презентирање институционална дисфункционалност, прозвучи соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија, во кое се повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено од избраните државни функционери, за недвосмислено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на Преспанскиот договор…

Односите меѓу новата претседателка на државата и премиерот на техничката влада во периодот до конституирањето на новата влада

Двојните избори, претседателски и парламентарни, и роковите за конституирање на новата избрана власт (конституирање на новото собрание и мандатот на Владата) создадоа една ситуација на привремена кохабитација на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, и техничката влада, која треба да функционира до формирање на политичката влада според изборните резултати.

Техничкиот министер за надворешни работи ја повикува на внимателност избраната шефица на државата?!

Инаугурацијата на претседателката во Собранието и неупотребата на придавката – географска одредница во новото уставно име на државата Македонија, беше сигнал за отворањето нови алтернативи и стратегиски правци во надворешната, а секако и во внатрешната политика на Македонија. За трасирањето на тие патишта, меѓу другите, е задолжена и претседателката, со огромен авансиран граѓански легитимитет и доверба, токму со изборите, непосредно пред да започне со ефективно извршување на своите претседателски обврски.
Но она што следуваше како реакција од Министерството за надворешни работи на Македонија, по инаугурацијата на Силјановска, беше целосна демонстрација на непрофесионалност од страна на МНР. Изостана од МНР дипломатската институционална етикеција, а за т.н. функционална кохабитација насочена во интерес на државата и искажаната волја на граѓаните немаше ниту трага ниту глас. Имено, во македонската јавност исклучително контроверзно, со умисла за презентирање на институционална дисфункционалност, прозвучи соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија, во кое се повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено од избраните државни функционери, за недвосмислено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на Преспанскиот договор…
– Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата – се нагласува во соопштението на македонското МНР.
И покрај перцепцијата на меѓународната јавност за затворање на прашањето на македонско-грчкиот спор со Преспанскиот договор, неговото контроверзно наметнување во македонскиот устав и покрај неуспешниот референдум за менување на името на државата, неисполнетите ветувања од ЕУ спрема Македонија по непринципиелните уцени за прифаќање на овој договор…, сепак не ѝ оставаат простор на меѓународната заедница за „прекори“ во врска со (не)почитувањето на билатералните договори. Уште помалку на „прекори“ и „закани“ имаат право вторите страни, додека повикот од домашните институции што функционираат во техничката влада, како МНР, до новоизбраните функционери да се почитуваат билатералните договори, има призвук на одработување за туѓи интереси.

Наратив како за туѓи странски интереси:
Соопштението е на МНР на Албанија или од Косово?!

– Соопштението на МНР е „нецелосно“! Не се прецизира дали е тоа МНР на Албанија или на Косово, бидејќи не наликува како соопштението да е од македонско министерство. Сепак, тоа зборува за постојаноста, а досегашниот т.н. македонски министер за надворешни работи, Османи, кој само потврдува дека за цело време на својот мандат работел за туѓи, за нас неприфатливи интереси. Македонското МНР има основна должност да ја промовира и брани оваа наша држава, што досега не се случуваше и тоа на еден еклатантен и срамен начин. Да почекаме уште кратко и да се надеваме дека во ова наше клучно министерство (поради проблемите со кои се соочува земјата на меѓународен план) ќе се изврши целосна кадровска реконструкција и дека ќе го преземат луѓе што ќе се грижат за граѓаните на оваа држава, а не за соседите. Османи како министер нанесе несогледливи штети, пред сѐ на интересите на македонскиот народ, потпишувајќи го срамниот и понижувачки протокол со Бугарија, со кој практично ја спречи интеграцијата на Македонија во ЕУ. Во секој случај, тоа не е само негова вина туку и на поранешната капитулантска власт – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.


Мирјана Најчевска: Двојните стандарди на ЕУ ја влечат Македонија во ќор-сокак

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, уште еднаш, на свој начин, укажа на лицемерството на функционерите на ЕУ од Брисел. Таа ги оквалификува „загриженоста и тивките закани на меѓународната заедница за неупотребата на официјалното име на државата при инаугурацијата на претседателката на Македонија“, како двоен стандард на ЕУ.
– ЕУ не се потресе баш од настапите на бугарските европарламентарци кои излегоа со јасни територијални аспирации кон Македонија, ниту од неспроведувањето на пресудите на ЕКЧП од страна на Бугарија.
Не ги возбуди премногу ни фактот дека Грција ја прекршува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
ЕУ не се потресе заради лапсусите и грешките кои намерно или ненамерно ги правеа европските државници во употребата на името на државата (сега и во периодот кога не нарекуваа ФИРОМ наместо да го употребат целиот назив под кој бевме примени во ООН).
Не се сеќавам ни дека Американците покажаа голема грижа заради ова.
Ама кога Гордана при давање свечена заклетва (уште нестаната претседателка) не го употреби официјалното име на државата не пропуштија да излезат со изрази на длабока загриженост па дури и тивки закани.
Никогаш не сум сакала двојни стандарди.
Посебно кога станува збор за правото.
Ваквото однесување на ЕУ може само да ги подгрее негативните сили кои Македонија ја влечат во ќор-сокак, надвор од генералната ориентација кон ЕУ и ЕУ вредносниот систем – истакна таа.