Јане Сандански

„За да Македонија стане цела и сосем независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки или на куцовлашки идиом, сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип Втори и на Александар… Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. Сандански заедно со Делчев, протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. И неговото убиство, всушност, беше извршено од самите Бугари“, Елефтериос Ставридис

Повод: 109 години од смртта на македонскиот великан Јане Сандански

На 22 април 1915 година, кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп, во пиринскиот дел на Македонија, во заседа беше убиен Јане Сандански, познат како Пиринскиот Цар или Сандан-паша, еден од највеликите македонски херои и бранители на македонската национална и политичка самобитност. Сандански се пројавуваше како најфанатичен приврзаник на македонската револуционерна идеологија и неговото убиство се должеше токму на тоа. Во еден документ од бугарска провениенција, односно во извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија од 25 март 1906 година, се вели: „Интернационалноста во Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н.) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев…. Луѓето од таа група се вдаховуват од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија“. Идеалот за Македонија и само за Македонија, во суштина е причината за неговото убиство од страна на одредени елементи блиски до бугарските политички кругови и бугарскиот двор.

Македонците се посебен народ

Уште во самиот зародок на македонското револуционерно движење, бугарските политички и општествени кругови се обидувале да воспостават контрола врз македонското револуционерно движење, најпрво преку Врховниот македонски комитет и бугарскиот генерал Иван Цончев, а по Илинденското востание преку македонската револуционерна групација што гравитирала околу Христо Матов. Вмешувањето на бугарските политички кругови, како и наклонувањето на некои од македонските револуционери кон Софија биле причина за внатрешен судир во македонското движење.
Суштинската причина за судирот ќе ја дознаваме од Петко Пенчев, гласноговорник на групата околу Матов. Според Пенчев: „Но, да ги оставиме сите разлики, божемни или висински, за да застанеме на едно прашање кое, според нас, лежи во основата на расколот на внатрешните – односите со Бугарија“. Пенчев смета дека ова прашање е „најкапитално, најспорно, најтемно, најделикатно“. Петко Пенчев јасно ја образложува идеологијата на својата групација со следните зборови: „Нашата цел е автономија, но преку бугарскиот елемент и за бугарскиот елемент, пред се. Поради тоа, ние треба да настојуваме да го заштитиме со еден непробоен штит од стрелите на неговите непријатели. Ние сме силни само со него, преку него и за него. Истиот интерес го има и Бугарија. Таа може да смета на еден дел или на целосно обединување само доколку има потпора, објект кои ќе ги оправда нејзините претензии. А тој објект не може да биде друго, освен бугарскиот елемент“.
Овие идеолошки разлики довеле до кулминација на судирот помеѓу македонските револуционери. Во почетокот на ноември 1907 година, во Софија се одржале неколку советувања, на кои едно од главните прашања бил односот кон Христо Матов и Борис Сарафов, кои отворено започнале да примаат морална и финансиска помош од бугарските кругови, вклучувајќи и од бугарската влада, што било спротивно на македонската револуционерна идеологија. На едно од споменатите советувања, Сандански објаснувал дека односите меѓу двете групи се заострени до крајност и дека меѓусебната пресметка е неизбежна. Тој исто така укажал дека преговорите помеѓу двете групи се излишни, затоа што не станува збор за лични односи, туку за „две принципиелни становишта кои меѓу себе се исклучуваат“.
Во оваа пригода Јане Сандански истакнал дека „за македонското население, па и за самата Бугарија, е погубно македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето од другиот блок и се продале на бугарската влада“. На крајот, Сандански нагласил дека треба да се работи за „будење на свеста на масите, дека тие се посебен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои беше ги дошле да ги ослободуваат, всушност потоа ќе ги поробат. Тоа може да не се случи дури ниту во моите дни, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам, и ако тоа се случи, тој ќе ја добие својата слобода“.

Бескомпромисен македонски водач

Споменатите советувања поминале под влијание на Јане Сандански и врз принципите дека сите што агитираат било во Македонија било надвор од неа на база: ослободување и обединување на Бугарите, од ВМОРО треба да бидат дочекани непријателски, така како што се дочекуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети. Оттука сите предлози за помирување биле одбиени од Сандански и следствено на 28 ноември 1907 година Тодор Паница ги ликвидирал Борис Сарафов и Иван Гарванов поради нивната соработка со бугарската влада.
Убиствата ја вознемириле бугарската јавност, а бугарската влада започнала со гонење на македонската група, која се залагала за самостојност. По двојното убиство, Јане Сандански и Тодор Паница биле прогласени за разбојници, а слична судбина го очекувала и Христо Чернопеев. Главните интелектуални водачи на оваа група – Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, биле прогласени за носители на анархистични идеи, а следствено на тоа и за опасни за државниот поредок.
Во однос на двојното убиство, Симеон Радев, близок соработник на Сарафов, во весникот „Камбана“ ја објавил статијата „Сандански и неговата група“. Во спомената статија, Радев нагласува дека Сандански нанел еден фатален удар на бугарската народност и дека некои неговите приврзаници ги оцениле убиствата на Гарванов и Сарафов како дејствија насочени против (бугарските б.н.) национални идеи во Македонија и против историските завети на Бугарија. Според Симеон Радев, Сандански е човек на разрушителни идеи, кој се откажал од татковината Бугарија и настојувал македонското население да го претвори во „орудие кое ќе биде непријателски настроено против бугарската национална идеја во Македонија“.

Санданизмот трајно се вгради во свеста на македонскиот народ

Санданизам е идеологија во македонското револуционерно националноослободително движење, претставувано од Јане Сандански. Оваа идеологија во суштина е заснована врз основните постулати на Македонската револуционерна организација (МРО), но сообразена со условите што настанеле по поделбите во македонското движење и состојбите во Македонија, наметната и со политичките промени со Младотурската револуција, Балканските војни. Санданизмот трајно се вградил во свеста на македонскиот народ во пиринскиот дел на Македонија, кој води децениска политичка борба во бугарската држава за остварување на елементарните културно-национални и граѓански политички права.
Зачетокот на санданизмот е во постилинденскиот период кога Јане Сандански се оформува како една од најкрупните фигури во македонското револуционерно и националноослободително движење. Во овој период негови најблиски соработници биле Стојо Хаџиев, Георги Казепов, Георги Скрижовски, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Тодор Паница. Сите тие биле пошколувани од Сандански, но ниту еден од нив не ја оспорувал водечката улога на Сандански во Серскиот револуционерен округ и македонското движење. Сандански не бил идеолог и не бил оригинален мислител, но бил надарен со природна интелигенција, која му овозможила да ги оцени и апсорбира идеите на другите, истовремено да ги спроведе креативно и конзистентно, оттука револуционерната теорија и практика на Серскиот округ станале познати како санданизам, а неговите приврзаници продолжиле да се нарекуваат себеси санданисти долго време по смртта на Јане.
Меѓу најблиските соработници на Сандански бил и Петар Поп Арсов (еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник, поборник за македонската самобитност, борец за воспоставување самостојна независна држава Македонија, за изградување независна Македонска црква и образование, македонски литературен јазик и правопис). Искажаното се потврдува и од Артур Смит, кој била запознаен со состојбите во македонското движење. Во конотација на поделбите што настанале кај македонските револуционери, споменатиот автор вели дека втората револуционерна партија била предводена од Петар Поп Арсов, кој ги претставувал Јане Сандански и Христо Чернопеев. Слоганот на оваа група бил Македонија за Македонците и силно се спротивставувала на секое мешање на бугарската влада.
Санданизмот имал една силна македонска национална компонента. Ова е видливо и во пишувањето на д-р Карло Блинд објавен во лондонскиот „Пал мал газета“ на 5 јули 1905 година. Според Блинд: „Сандански се претставува како единствен претставник – Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава… Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел за основа на тој нов experanto. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик, кој се зборувал во Бугарија и Србија“.