ФМ Моника Стојковска

На годинашното континентално првенство просечниот рејтинг на шахистките е 2.127 поени и првпат се игра во 10 кола

ШАХ

Македонската шахистка, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Моника Стојковска (2.057 рејтинг-поени, рангирана на 122-то место пред почетокот на турнирот), забележа по една победа и пораз во почетокот на 24. Европско првенство (ЕП) во шах за жени, кое во 10 кола се одржува на Родос (Грција). Во конкуренција на 182 шахистки од 35 држави, Стојковска во првото коло со бели фигури загуби од интернационалниот мајстор (ИМ) од Франција, Паулин Гушар (2.362, рангирана 31.), а во второто коло со црни фигури ја победи Украинката Олга Попадуик (1.633, рангирана 173.). Во третото коло, играно вчера, Стојковска со бели фигури за противничка ја имаше ЖИМ од Словенија, Зала Урх (2.263, рангирана 63.). Стојковска има исполнето три норми за титулата ЖИМ, но ѝ недостига уште рејтинг од 2.200 поени за и официјално да ѝ биде признаена титулата ЖИМ.
Вкупниот награден фонд на ЕП е 60.000 евра, од кои победничката ќе заработи 10.000 евра, а најмалку 10 шахистки ќе се квалификуваат за следниот Светски куп (СК) за жени (ФИДЕ). ЕП 2024, чиј просечен рејтинг на шахистките е 2.127 поени, е најмасовно досега, а и првпат се игра во 10 кола. Прворангирана шахистка на турнирот е ИМ од Украина Јулија Осмак (2.495). Преносот во живо на ЕП може да се следи преку каналот „ЕЦУ Јутјуб“, со коментари на ВМ од Хрватска, Алојзије Јанковиќ, и македонската шахистка и репрезентативка, Драгана Николовска.
На претходното ЕП, лани во Петровац (Црна Гора), златниот медал го освои ИМ од Грузија, Мери Арабидѕе, која не игра сега. Досега најуспешна шахистка е Валентина Гунина од Русија со три европски титули (2012, 2014 и 2018 година), а по две имаат Русинките Катерина Лагно, Татјана Косинчева, Украинката Наталија Жукова и Швеѓанката Пиа Крамлинг. Г.И.