Нов подвиг на екипата на Македонија

ШАХ – СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА, ВТОРО КОЛО

Две победи и по едно реми и пораз е епилогот по второто коло на четирите македонски екипи на Светското првенство (СП) за ветерани над 50 и над 65 години, во Струга. Најголемиот македонски фаворит за медал, Македонија Алкалоид (2.436, рангирана четврта пред СП), ја оствари и втората победа, на дуелот со Словачка (2.261, рангирана шеста) со 2,5-1,5, благодарение на победата на искусниот македонски велемајстор (ВМ) Кирил Георгиев, а ВМ Влатко Богдановски, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Роландо Кутиров ремизираа. Втора победа, со 2,5-1,5, но во категоријата над 65 години впиша и екипата на Македонија (2.003, рангирана 18-та), на мечот со Австрија (2.028, рангирана 15-та), благодарение на целиот поен на ФМ Александар Кралевски, а ФМ Љубомир Илиќ, Илија Стошевски и ФМ Љубомир Хаџи-Манев го поделија поенот.
По почетниот пораз, прво реми, 2-2, во категоријата над 50 години, забележа Македонија слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирани 20-ти) против САД пет браќа (2.067, рангирани 15-ти). Жарко Селковски загуби, Зоран Костадиновски победи, а Санде Атанасов и Блаже Атанасовски ремизираа. Втор пораз (0-4) претрпе женската екипа на Македонија (1.373, рангирана 22.), Маре Крстевска, Снежана Брзовска, Лиле Аларова и Олга Ангеловска, во мечот со машката екипа на Велс (1.961, рангирана 17-та) во категорија над 50 години.
– Првпат играв на турнир за сениори на индивидуално СП во Романија во 2019 година, каде што го освоив петтото место. Добро се познаваме со играчите што се на првите табли во другите екипи. Алкалоид секогаш оди на победа, на медал, а и јас секогаш играм за силни тимови со кои верувам дека имаме шанса за успех на екипно ниво. Сѐ ќе зависи од концентрацијата за време на турнирот, партиите. Со играчите што се денес во Алкалоид настапувавме заедно во минатото како репрезентација на Македонија на шаховски олимпијади, деветто место во Словенија во 2002 година, и на европски првенства, во 2003-та, каде што заедно со Недев освоивме медали на своите табли. Имаме убава атмосфера, која се надевам пак ќе биде крунисана со нов успех – вели Георгиев.
По второто коло во категоријата над 50 години, со по четири бода водат САД (седум поени по табли), Италија (6,5), Македонија Алкалоид (6,5), Англија 1 (6,5) и Исланд (6,5). Македонија слепи и слабовидни шахисти е 18-та со еден бод (два по табли), а Македонија жени е на 21-то место без бодови (0,5 по табли). Во категоријата над 65 години со по две победи водат Словачка (6,5), Германија (6), Франција (6) и Македонија (5). Г.И.