Првите две партии завршија со реми. Предвидени се 12 партии, по шест во Шангај и во Чонгкинг, градови од каде што доаѓаат шахистките. Ју Венјун е светска првенка од 2018 година и досега двапати ја одбрани титулата

Бранителката на светската титула, Ју Венјун (2.654 рејтинг-поени, рангирана втора на јулската ранг-листа на Светската шаховска федерација) од Кина, и нејзината сонародничка, претендентката Леи Тингџи (2.554, рангирана четврта), ги ремизираа првите две партии од предвидените 12, во мечот за светска шаховска првенка. Шест дуели ќе се играат во Шангај, а шест во Чонгкинг, градови од каде што доаѓаат шахистките.

Ју Венјун стана светска првенка во 2018 година, кога ја победи својата сонародничка Тан Жонгуи, а потоа ја одбрани во 2020 година против Русинката Катерина Лагно и во 2022 против младата Русинка Александра Горјачкина.

Шахистките на овој меч имаат по 90 минути за првите 40 потези, плус 30 минути за остатокот од партијата, плус 30 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот, но не смеат да понудат реми пред 41-от потег. Во случај на нерешен исход, ќе има дополнителни партии со забрзано темпо, и тоа прво четири партии со по 25 минути, плус 10 секунди, ако нема победник ќе следуваат две партии со по пет минути плус три минути, па уште две со исто темпо, па една партија (три плус две) и сѐ така додека некој не победи со ова темпо на размислување.

Наградниот фoнд е 500.000 евра, од кои 300.000 евра ќе добие победничката, а 200.000 второпласираната. Доколку мечот се реши со тајбрејк, победничката ќе освои 275.000 евра, а поразената 225.000 евра.

Во првата годинашна партија за светската титула белите фигури ги имаше Тингџи (26), која во отворањето Руи Лопез (варијанта Берлин) се одлучи да жртвува централен пион за иницијатива, но Венјун (32), иако изгуби многу време за размислување, сепак успеа да се спротивстави и по измена на кралиците да ремизира во 50-от потег, кога на таблата останаа со по еден пешак и топ. Во втората партија беше видена полутарашева одбрана и без поголеми возбудувања партијата заврши без победник во 40-от потег. Денеска е првиот слободен ден, третата партија се игра утре, а белите фигури ги има Тингџи. Г.И.