Повикот на министерот Лога „да не се отвора Пандорината кутија“ е
повик за беззаконие

По одлуката на Уставниот суд, министерот за правда жестоко реагираше, порачувајќи дека на овој начин „се отвора Пандорината кутија“ за многу други акти од регулативата што не се во согласност со Уставот и законите, а кои се во сила. Со ова, тој експлицитно констатира дека Уставниот суд не постапувал (апстинирал) по низа други предмети за кои требало да реагира како највисока институција во судската власт! Но, исто така, министерот со својата констатација имплицитно потврдува дека сè уште постојат низа противуставни и противзаконски акти што се присутни во домашниот правен сообраќај! Тргнувајќи од ваквите констатации искажани од највисоката егзекутивна власт, логично се отвора прашањето за каква правна држава станува збор, односно за какво владеење на правото зборува политичката фела?

Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за утврдување на уставноста на упатството за водење матични книги поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во „Службен весник“, поради што се донесе привремена мерка за неиздавање на новите обрасци со графа за националност, беше очекувана од стручната фела, но наиде на остри реакции од страна на министерот за правда Кренар Лога.
Имено, токму министерот беше главниот заговорник за вметнување посебна графа во изводите за родени во која ќе стои и националната припадност на секој граѓанин, иако тоа е спротивно на домашните закони, но и на сите европски препораки и на европската легислатива, која не дозволува во документите да се наведуваат националноста, верската, сексуалната или каква било друга определба. Но мотивот за оваа новинарска опсервација е сосема нешто друго, навистина крупно и бездруго колосално!

Министерот наместо да се бори за владеење на правото, порачува дека треба да се продолжи со старите практики, во кои се изигруваат и не се почитуваат законите

По одлуката на Уставниот суд, министерот за правда жестоко реагираше, порачувајќи дека на овој начин „се отвора Пандорината кутија“ за многу други акти од регулативата што не се во согласност со Уставот и законите, а кои се во сила. Со ова, тој експлицитно констатира дека Уставниот суд не постапувал (апстинирал) по низа други предмети за кои требало да реагира како највисока институција во судската власт! Но, исто така, министерот со неговата констатација имплицитно потврдува дека сè уште постојат низа противуставни и противзаконски акти што се присутни во домашниот правен сообраќај! Тргнувајќи од ваквите констатации искажани од највисоката егзекутивна власт, логично се отвора прашањето за каква правна држава станува збор, односно за какво владеење на правото зборува политичката фела?
– Ме радува оваа иницијатива, но изненаден сум од фактот што Уставниот суд досега не повел постапка и за други подзаконски акти кај кои не се почитува уставниот рок за објавување во „Службен весник“. Уставниот суд ја отвори Пандорината кутија. Најавувам дека во иднина јас лично ќе поднесувам иницијативи до судот за непочитување на уставните рокови. Вината не е во министерството, туку во Секретаријатот за законодавство во рамките на Владата – изјави Лога.

Во време кога Македонија полека го привршува скрининг-процесот на усогласеност на законите со оние на Европската Унија, министерот за правда излегува со катастрофална изјава во која де факто повикува да продолжи практиката на непочитување на законите, на Уставот и на самиот Уставен суд, односно отворено повикува на невладеење на правото.

Пораката да не се отвора Пандорината кутија, всушност, е порака да не се чепка во беззаконието, криминалот и корупцијата во земјава, а што е најтрагично, таа порака ја упатува првиот кому императив треба да му биде владеењето на правото.
Она што завчера го порача Лога по завршувањето на седницата на Уставниот суд, всушност, беше повик да не се почитуваат законите, да се избегнуваат одлуките на Уставниот суд и да се изигрува правната држава, сето тоа упатено од една од највисоките позиции во Владата.

Министрите да работат во интерес на правната држава и граѓаните, а не за своите лидери

Министерот за правда со неговата констатација имплицитно потврдува дека сè уште постојат
низа противуставни и противзаконски акти што се присутни во домашниот правен сообраќај! – Фото: Архива

Во време кога Македонија се соочува со екстремно ниска доверба во правосудството, со невладеење на правото, со секојдневно кршење на законите само затоа што некој 30 години ја држел затворена Пандорината кутија за да може непречено да владее и за сите криминали и корупциски афери да не се презема одговорност, министерот за правда е тој што треба да инсистира да се отвори истата таа Пандорина кутија за од неа да излезат сите незаконски дејства правени низ годините… Напротив, сето тоа мора да се обелодени, расчисти, да излезе на површина, за да може „македонските институции да се судрат со предизвиците, да стекнат имунитет и конечно да почнат да заздравуваат и да влезат во кондиција за бескомпромисна борба против криминалот, без разлика дали е тој ситен или висок“.

Затоа повикот на министерот Лога да се туркаат работите под тепих и да се продолжи да се толерира беззаконието е преседан од невидени размери. За ваква изјава во секоја демократска држава министерот за правда ќе беше сменет во истиот ден кога го кажал тоа, но со оглед дека министрите во македонската влада одговараат пред партиските лидери, а не пред премиерот, повеќе од извесно е дека тоа нема да се случи, туку во следниот период ќе следуваат закани и уцени за напуштање на владиното мнозинство доколку не се истурка она што го замислил министерот, колку тоа и да е спротивно на законот.

Ова само покажува дека сите проблеми за нефункционалниот правен систем во државата и за невладеењето на правото потекнуваат од највисокото место, од луѓето на кои почитувањето на законите треба да им биде основен и единствен императив. Наместо тие да бидат првите што ќе притискаат владеењето на правото да биде издигнато на највисок пиедестал, го прават спротивното.
– Коментарите на министерот Лога не се ништо поинакви од она што кај нас последниве децении стана еден вид наш ментален склоп и карактерна особина, да не сакаме општество во кое функционираат нормални вредности и правна држава, туку сакаме општество во кое секој ќе си задоволи некаков личен интерес, ќе биде недопирлив и нема да одговара за тоа. Доказ дека е тоа така се сите афери и случувања што досега не добија завршница, иако почнаа и имаше услови многу луѓе да одговараат – вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

Тој додава дека секојдневно се појавуваат нови афери, а ниту една институција не презема мерки, кои во согласност со закон се должни да ги преземат и затоа секој може да прави што сака, без да има одговорност.
– Тука најголемата вина ја има правосудството. Некоректно е еден политичар да толкува судски одлуки. За жал, тоа се случуваше со многу политичари во минатото и на тоа некако како да се навикнавме. Тие ниту се стручни, ниту се правници, едноставно гледаат на своите политички ставови и потреби бидејќи сите од политичарите не се функционери на државата, туку на политичките партии на кои им припаѓаат, за жал – истакнува Давидовиќ.

Тој воопшто не е зачуден од повикот на министерот Лога да се продолжи со старите практики на туркање на незаконските дејства под тепих, само за да не се отворела Пандорината кутија.
– Ваквото повикување не е ништо чудно, кога истото го прават и судството, правосудството и сите други институции и органи. Лога ќе го прави тоа затоа што е функционер што одговара пред партијата. Во оној момент кога тие што се на позиции ќе бидат функционери на државата и кога ќе имаат одговорност пред народот, а не пред партиските лидери, најверојатно ќе почнат да размислуваат за почитување на законите. Вака е примарен партискиот интерес, а не општествениот и народниот – заклучува Давидовиќ.