Ако сакаме да го вратиме спортот на вистинските патеки, мораме отворено да зборуваме за аномалиите и за предизвиците. Ако отворено и гласно зборуваме, може да направиме промена и позитивно поместување во системот, зашто промените зависат од сите нас, вели заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Неодамна во Струмица се одржа дебатна-конференција, на која, покрај финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот, беше посочено дека е потребно да се обезбеди поголем надзор на работата на спортските клубови и федерации, ваучерите да се врзат со резултатите и со извештаите, средствата директно да им се исплаќаат на клубовите, како и да се обезбеди механизам за родова избалансираност на системот на ваучери. „Сумите што се определуваат по дадената методологија не ги задоволуваат потребите на клубовите, оти во неа нема утврдена минимална сума потребна да работи еден спортски клуб со која би се покриле трошоците за основните потреби. Има случаи каде што се доделува ваучер со симболична сума од 215.000 денари“, вели истакнатиот и долгогодишен карате-тренер на Металург, Мирче Јанушевски

КАКО ДО ПОГОЛЕМ РАЗВОЈ НА СПОРТОТ

Финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е исклучително важна за развој на спортот и на спортските клубови во Македонија. Колку и како се спроведува, дали се доволни паричните средства што се доделуваат и дали е потребна ревизија на системот за да се обезбеди транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари, претставуваше основа да побараме мислење од неколку наши истакнати спортски стручњаци за нивното гледиште по ова значајно прашање, за што поголем развој на спортот во Македонија.
Неодамна во Струмица се одржа и дебатната конференција „Отворено за корупцијата во спортот со фокус на мерката ваучери“, во организација на заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, а на која присуствуваа, покрај другите, и министерот за правда Никола Тупанчески, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски… На конференцијата, покрај финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери, што е исклучително значајно, беше посочено дека е потребно да се обезбеди поголем надзор на работата на спортските клубови и федерации, ваучерите да се врзат со резултатите и со извештаите, средствата директно да им се исплаќаат на клубовите, како и да се обезбеди механизам за родова избалансираност на системот на ваучери.
– Спортските субјекти, пред сѐ спортските национални федерации, треба да бидат свесни дека сите што користат средства од буџетот имаат обврска да даваат отчет за начинот на трошење. Ако сакаме да го вратиме спортот на вистинските патеки, мораме отворено да зборуваме за аномалиите и за предизвиците. Ако отворено и гласно зборуваме, може да направиме промена и позитивно поместување во системот, зашто промените зависат од сите нас – вели Грковска.
Свое излагање на таа конференција имаше и министерот за правда Тупанчески.
– Една од целите за зајакнување на одговорот на правосудството наспроти корупцијата и економскиот криминал, претставува вмрежувањето специјализирани обвинители, органи за спроведување на законите и единици за финансиско разузнавање, кои се вклучени во истрагата и прогонот на кривичните дела – рече, меѓу другото, Тупанчески.

МИЦКОСКИ: СО ВАУЧЕР-СИСТЕМОТ ТРЕБА ДА БИДАТ ОПФАТЕНИ И МАЛИТЕ, МЛАДИТЕ И ПОЧЕТНИТЕ КЛУБОВИ

– Мое мислење е дека ваучер-системот досега се покажа како најефикасен модел, како спортските федерации и клубови да бидат директно потпомогнати од државата со средства од буџетот, односно дел од персоналниот данок што треба да се влева во државната каса директно се пренамени за спортот. Се поставува прашањето колку и дали федерациите можат самостојно да ги реализираат своите ваучери доделени од АМС. Првата година т.е. во почеток на проектот тоа беше многу слабо, компаниите и книговодствените компании не беа доволно упатени и запознаени со законот, ниту, пак, службениците од АМС и од Управата за јавни приходи (УЈП) направија доволно кампања за запознавање со регулативата. Потоа во втората година почнаа да се раздвижуваат работите и се почна со реализација, во третата година веќе се слушнаа информации во јавноста дека имало и непристојни понуди. Е тука доаѓаме до моментот каде што треба да се размислува за контрола и за ревизија на сето тоа. Впрочем, со законот е предвидено тоа, кој и како да го врши, само треба да се спроведува (случаен избор, по пријава, по висина на износ доделен претходно и други критериуми). Кај клубовите и федерациите со Законот за спорт е предвидено во нивните управи да имаат задолжително правници и економисти, кои треба од свој стручен агол да го контролираат, меѓу другото, и овој дел со ваучер-системот. Така што, како резиме, ваучер-системот е одличен, предвидено е сѐ, само треба тоа што е предвидено и да се спроведува – вели истакнатиот џудо-тренер, м-р Дејан Мицкоски, лиценциран, член на стручниот совет при ЏФСМ и главен тренер во ЏК Сеишин-Прилеп.
Тој смета дека висината на ваучерите и контролата за распределбата на ваучерите треба да ги спроведе АМС.

– Од аспект на доделување на ваучерите и висината на износот, тоа треба да биде со правилна распределба во однос на рангирање и успеси, а тука контролата треба да ја спроведе АМС, односно дали клубовите и федерациите даваат точни информации. Затоа рамномерно треба да се изврши распределба на средствата по критериуми.
Тука треба да бидат опфатени и малите, младите и почетните клубови со некоја симболична сума, но, сепак, и тие треба да влезат во овој систем, што сега не е пракса. Во спротивно како би почнале тие да се движат во нагорна линија без потребните финансиски средства. И уште едно прашање за размислување за измени за да не би се довеле спортистите, спортските работници, клубовите, федерациите и нивните управи во ситуација да молат по фирми и компании за реализација на ваучерот. На некој начин може и да се размисли државата од определениот износ од АМС за секоја од овие засегнати страни од буџетот, каде што се слеваат овој вид средства, директно да инјектира дел од средствата, на пример 50 отсто од ваучерот, на сметките на овие субјекти – вели Мицкоски.

ЈАНУШЕВСКИ: АКО СЕ РАБОТИ ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ПРЕТХОДНИОТ СИСТЕМ БЕШЕ МНОГУ ПОДОБАР

– Во врска со вучерите има многу нешта да се кажат, меѓутоа од неодамнешната расправа на оваа тема одржана во Струмица, според мене, тешко дека нешто позитивно ќе излезе. Ако се работи за транспарентност, претходниот систем за финансирање беше многу подобар, од причина што за давање потврда од АМС дека средствата донирани од една фирма на клуб правилно се потрошени, за потврда потребна истата фирма да биде ослободена од финансиски обврски спрема државата за донираниот износ, од клубот беше потребно да се достават сите податоци за клубот и финансиски документи за нивно трошење. Оваа постапка се повторуваше за секоја фирма донатор. Ќе наведам, колку што се сеќавам на некои од нив, на пример колку има регистрирано членови во соодветната календарска година, доказ дека клубот учествувал во националниот систем на натпревари со доставување билтени и извештаи. Од финансиските документи тоа се, доставување фактура, вирман за плаќање, извод од трансакциска сметка, доставување годишна сметка за клубот, записник, одлука за усвојување на сметката… Во секој случај и тогаш и сега со наменската сметка на која се уплатуваат ваучерите, АМС може да ги проверува средствата за која намена се потрошени – рече истакнатиот и долгогодишен карате-тренер на Металург, Мирче Јанушевски.
Тој смета дека државата може многу ефикасно да контролира преку своите постојни органи како се одвива користењето на ваучерите, како и евентуалното злоупотребување.
– Трошењето на средствата од ваучерите во клубовите и евентуалните корупциски зделки државата може многу ефикасно да ги контролира преку своите постојни органи и за тоа не треба да се оптоваруваат клубовите. Вистинските проблеми за спортот произлегуваат од самиот систем на ваучери. Сумите што се определуваат по дадената методологија не ги задоволуваат потребите на клубовите, оти во неа нема утврдена минимална сума потребна да работи еден спортски клуб со која би се покриле трошоците за основните потреби, како што се на пример трошоци за сала за вежбање, надомест за тренерот, трошоци за годишна регистрација и членарина за клубот и неговите членови, за набавка на опрема, за учество на натпревари, трошоци за учество на државни првенства… Има случаи каде што се доделува ваучер со симболична сума од 215.000 денари. На сегашниот начин, ваучерот е практично чек без покритие, ако не се најде донатор или донатори што ќе дадат средства. Оттука постои можност фирмата што ги дава парите да бара поврат на дел од нив, што, пак, е злоупотреба на штета на спортот. Затоа, ако веќе се доделува ваучер со назначена одредена сума пари на него, што значи дека тие средства се предвидени да се одлеат од буџетот на државата, зошто средствата од тој ваучер не се исплаќаат директно од УЈП, односно од државата на сметката на клубот? Бидејќи средствата што се доделуваат со ваучерите се недоволни, државата откако истите тие ќе ги префрли на сметки на клубовите, да дозволи да се користи истиот ваучер со неговиот код за клубовите самоиницијативно од донаторите да продолжат да бараат дополнително средства за својата работа. На овој начин би се овозможило клубовите да ја подобрат својата финансиска состојба, а државата ефикасно преку наменската сметка да следи како се трошат донираните средства. За ова, секако, е потребно да се донесе соодветна одлука и да се направат измени во законската регулатива – вели Јанушевски.

ГРКОВСКА: ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ ТРАНСПАРЕНТНОСТА И ОТЧЕТНОСТА ВО СПОРТОТ

Свој став по ова прашање неодамна даде и Грковска.
– Одлучивме отворено да зборуваме за корупцијата во спортот и тоа беше препознаено од сите дека првпат некој од владината структура го отвора ова прашање. Сметам дека најдобар начин да се решат проблемите е да се соочите со нив и отворено да разговарате за нив. Притоа е потребно да се најде подобар модел за ваучерскиот систем во спортот, кој ќе биде поправеден и ќе биде реализиран директно преку клубовите, затоа што општ заклучок е дека сегашниот модел на исплата преку федерациите не функционира како што треба и, секако, да се зголемат транспарентноста и отчетноста во спортот – изјави Грковска за Националната радио-телевизија.
Грковска потенцираше и дека нејзиниот кабинет, во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ), почна со организирање конференции во областа на спортот за да се слушнат сите слабости од страна на спортските субјекти. Досега се одржани две вакви стручни конференции, едната во Скопје, другата во Струмица.
– Во периодот што следува ќе се посветиме на реализација на заклучоците од двете конференции, особено во делот на измена на Законот за спорт, заедно со министерот за правда Никола Тупанчески, зашто тој закон е на Министерството за правда и, секако, со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, како и со сите други чинители – рече Грковска за Националната радио-телевизија.


Јовановски: За МПК средствата се недоволни, но, сепак, се од голема помош

Во врска со ваучерите, ние како Македонски параолимписки комитет сме максимално транспарентни, средствата ги користиме исклучиво за покривање на трошоците на спортистите за тренажен процес, набавка на опрема и за учество на натпревари. Доделените средства се недоволни, но, сепак, се од голема помош за одржување високо тренажно ниво и настапи на значајни првенства од рангот на светските купови, европските и светските првенства, вели претседателот на Македонскиот параолимписки комитет и селектор на Параолимписката стрелачка федерација на Македонија, Бранимир Јовановски.

[email protected]