ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Со овој триумф, Ван Влутен на најдобар можен начин ја заокружи извонредната сезона во која победи и на трите грантур-трки, Тур де Франс, Џиро д’Италија и Вуелта
Холанѓанката Анемик ван Влутен (39) победи на друмската трка на Светското првенство (СП) во велосипедизам во Австралија и покрај тоа што возеше со скршеница на лактот од претходната мешана тимска трка. Ван Влутен во поголемиот дел од трката долга 164,3 км, која се возеше во лоши услови, по дожд, беше „заробена“ во пелотонот, но успеа да нападне во последните 500 метри и да ја победи Белгијката Лоте Копецки за една секунда.
Таа е најстарата светска првенка, во женска и во машка конкуренција. Со победата на Ван Влутен продолжи и доминацијата на Холанѓанките, кои беа најдобри на 17 од претходните 20 светски првенства.
– Не можев да потстанам од седиштето поради лактот, мислев дека нозете ќе ми експлодираат при искачувањата. Мислам дека ова е најдобрата победа во целата моја кариера, имајќи предвид низ сѐ што поминав претходните денови. Чудата се случуваат. Знаев дека не можам да спринтам со повредениот лакт и затоа го чекав моментот да нападнам. Тоа ми беше единствената шанса, ја чекав и ја дочекав – изјави Ван Влутен, актуелната олимписка шампионка, која беше светска првенка и во 2019-та.
Со овој триумф, Ван Влутен на најдобар можен начин ја заокружи извонредната сезона во која победи на трите грантур-трки, на Тур де Франс, на Џиро д’Италија и на шпанската Вуелта. Л.Д.