Стошевски, Хаџи-Манев, Кралевски и Илиќ

ТРЕТ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ „ЕСНАФ 2023“

Во чест на празникот 11 Октомври, во Скопје се одржа третиот турнир за ветерани во забрзан шах „Еснаф 2023“, на кој учествуваа 16 шахисти, членови на клубот на ветерани Скопје 72. По седум возбудливи кола (швајцарски систем, темпо на размислување од 15 минути, плус 10 секунди за секој одигран потег), првото место убедливо го освои ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (2.020 рејтинг-поени) со 6,5 поени (шест победи и едно реми), втор беше ФМ Љубомир Илиќ (2.071), трет ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.884) и двајцата со по 5,5 поени, но Илиќ со подобар дополнителен критериум, а четврти е Илија Стошевски (2.036) со 4,5 поени. Тие се членови на македонската селекција што ги бранеше боите на неодамна завршеното Светско првенство за ветерани над 65 години во Струга и каде што го освои 12-то место (рангирани 18-ти пред почетокот) во конкуренција на 26 учесници.
– Во пријатно расположение, но со жестока борба за секој поен на шаховската табла помина и овој турнир на шаховските ветерани на клубот, во кои беа видени многу возбудливи партии за ова темпо на игра – изјави Стошевски. Г.И.