Кинеската шахистка Леи Тинџие (рејтинг 2.545, рангирана шеста во светот) ќе ја предизвика актуелната светска првенка, 17-та по ред, а шеста од Кина, Ју Венјун (2.550, рангирана петта), во натпреварите за светската шаховска титула.
Тоа е епилогот по финалниот турнир на кандидатките за предизвикувачка на светската првенка во шах, откако Тинџие поведе со 3,5-1,5 на дуелот со сонародничката Тан Жонгји и обезбеди недостижно водство уште пред одигрувањето на последната шеста партија од овој дуел. Тинџие ги доби втората, четвртата и петтата партија, Жонгји победи во првата, а третата партија заврши без победничка.
Како и во 2018 година, мечот за титулата светска првенка (5-25 јули) ќе биде поделен помеѓу градовите Чонгкинг и Шангај, со што ќе се гарантира дека и бранителката на титулата Венјун (32) и нејзината предизвикувачка ќе играат половина од партиите (по шест) на домашен терен. Останува уште да се одлучи кој град ќе биде домаќин на првиот, а кој на вториот дел од мечот. Г.И.