Момчето е родено на 25 декември 2017 година, а ФИДЕ-рејтингот го добил на 1 јуни 2023, на возраст од пет години, пет месеци и седум дена

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) информира дека на својата рејтинг-листа го ставила најмладиот шахист досега, Тејас Тивари. Момчето учествуваше на пет национални турнири и освои голем број први места во својата возрасна категорија. Минатиот март, на пример, тој го освои шампионатот под осум години.
Тејас Тивари е петгодишно момче што живее во Халдвани, Индија. ФИДЕ соопшти дека неодамна станал најмладиот ФИДЕ-оценет играч во светот! Тејас моментално има рејтинг од 1.149 поени. Момчето е родено на 25 декември 2017 година, а ФИДЕ-рејтингот го добил на 1 јуни 2023 година, на возраст од пет години, пет месеци и седум дена! Ова мало момче беше еден од играчите што учествуваа на првиот шаховски камп на „Чесбејс“ во Бопал, Индија. И во оваа мала возраст тој вежба шах по три-четири часа секој ден.
Во статијата напишана од Никлеш Џаин стои дека талентот нема врска со годините. Голем доказ за тоа е токму Тејас Тивари, петгодишен шахист, кој за првпат во рацете држеше шаховски фигури на возраст од само три и пол години. Учејќи ги нијансите на оваа древна игра од својот татко, ова момче брзо се издигна, па на четири години веќе почна да учествува на шаховски турнири на државно ниво!
Тејас има освоено многу признанија, како што се „Златно момче“ и „Најмлада ѕвезда“ на шаховските натпревари организирани надвор од неговата држава Утараханд. Во март 2022 година, тој стана шампион на државата Утараханд во категоријата до осум години! Досега на петгодишна возраст има учествувано на пет државни шаховски турнири.
– Горди сме што Тејас учествуваше на првиот во историјата „Чесбејс Индија чес камп“, одржан во Бопал во март 2023 година – велат Никлеш Џаин и ЖИМ Ангела Франко. Тие беа тренерите што го водеа овој камп пет дена, завршувајќи го со тест и брз турнир за да проценат колку шахистите научиле за време на одржувањето на кампот.
Малиот Тејас научил да игра шах од својот татко Шарад, кој и самиот е љубител на оваа древна игра, а настапувал и за својот универзитет во младите денови. Тој патува со својот син на сите турнири, а Тејас секојдневно, пак, ја прави својата подготовка со својот татко. Г.И.