ФОРМУЛА 1
Како Ферстапен може да ја освои титулата веќе на следната трка?
Неверојатната победа на Макс Ферстапен на трката за големата награда на Сао Паоло одеднаш го доведе на работ на неговата четврта последователна титула светски шампион во Формула 1, на три трки до крајот на сезоната, пишува „Скај спорт“. Ландо Норис сега е единствениот ривал за трофејот.
Ферстапен може да ја освои титулата веќе на следната трка, во Лас Вегас (САД), на 24 ноември. Тој сега има предност од 62 бода. Во преостанатите трки сезонава се достапни најмногу 86 поени. Ферстапен во Лас Вегас ќе ја освои својата четврта светска титула ако по таа трка има 60 или повеќе поени повеќе од Норис.
Така, Ферстапен дефинитивно ќе ја осигури титулата во Лас Вегас ако ја заврши таа трка пред Норис на која било позиција. Ако и двајцата не освојат бодови, Ферстапен исто така ќе го освои трофејот, а тој може да стане планетарен шампион и во неколку други сценарија, дури и ако заврши зад Норис, под услов Норис да не биде подобар за повеќе од два бода, пишува „Скај спорт“.
Спротивно на тоа, Норис треба да го надмине Ферстапен со три или повеќе бода во Лас Вегас за се задржи во трка за титулата најмалку уште една недела. Ферстапен ќе биде шампион и ако двајцата возачи имаат ист број бодови, поради поголемиот број победи сезонава (Ферстапен има осум, Норис може да има најмногу шест). Н.М.
ФУДБАЛ
Досега 107 фудбалери постигнале хет-трик во ЛШ
Вкупно 107 фудбалери постигнале хет-трик (по три гола на еден меч) во Лигата на шампионите (ЛШ), откако на оваа листа завчера, во четвртото коло сезонава, се запишаа и Виктор Ѓокереш од Спортинг на мечот со Манчестер сити (4-1) и Луис Диаз од Ливерпул на дуелот со Баер (4-0). До мечевите во вторникот сезонава се постигнати вкупно шест хет-трика, а таков голгетерски ефект имаа и Хари Кејн (Баерн), Карим Адејеми (Борусија Дортмунд), Винисиус Жуниор (Реал Мадрид) и Рафиња (Барселона). Најмногу хет-трика во ЛШ, по осум, постигнаа Лионел Меси (сите за Барселона) и Кристијано Роналдо (седум за Реал Мадрид, еден за Јувентус), а трет на оваа листа е Роберт Левандовски со шест (четири за Баерн и по еден за Борусија Дортмунд и за Барселона), пишува Европската фудбалска унија.
Четврто коло: ПСВ Ајндховен – Џирона 4-0, Слован – Динамо З. 1-4, Болоња – Монако 0-1, Борусија Д. – Штурм 1-0, Селтик – Лајпциг 3-1, Ливерпул – Баер 4-0, Лил – Јувентус 1-1, Реал М. – Милан 1-3, Спортинг – Манчестер С. 4-1. Синоќа играа Клуб Бриж – Астон вила, Шахтер – Јанг бојс, Спарта – Брест, Баерн – Бенфика, Интер – Арсенал, Феенорд – Салцбург, Црвена звезда – Барселона, Пари сен Жермен – Атлетико М. и Штутгарт – Аталанта. Н.М.