АТЛЕТИКА – МАРАТОН ВО ЧИКАГО
Кенијката Чепнгетич го собори светскиот рекорд
Кенијката Рут Чепнгетич (30) победи на маратонската трка во Чикаго (САД) со време од два часа, девет минути и 57 секунди, со што постави нов светски рекорд, надминувајќи го дотогашниот на Етиопјанката Тигст Асефа за речиси две минути. Таа е прва жена што истрчала маратон за помалку од два часа и 10 минути. Асефа го постави претходниот рекорд од два часа, 11 минути и 53 секунди на маратонот во Берлин во 2023 година, пишува „Би-би-си“.
– Се чувствувам прекрасно, горда сум на себе. Ова е мојот сон што се оствари. Многу се борев размислувајќи за светскиот рекорд и го исполнив – изјави Чепнгетич, светската шампионка во маратон од 2019 година.
Победата за Чепнгетич е нејзина трета во Чикаго, каде што пропушти да го собори тогашниот светски рекорд на сонародничката Бригид Косгеи за 14 секунди во 2022 година. Четири од петте најбрзи женски маратонски времиња се истрчани на рамната патека во Чикаго во претходните шест години, пишува „Би-би-си“. Во машка трка, Кениецот Џон Корир го истрча своето најдобро време за да помине прв низ целта. Г.И.
ФУДБАЛ
Низа од пет официјални меча без пораз и три средби без примен гол
Со победата на гости кај Ерменија со 2-0, во четвртото коло на Лигата на нациите (ЛН), репрезентацијата на Македонија е во серија од пет официјални фудбалски натпревари (квалификациски и Лига на нациите) без пораз и во низа од три меча без примен гол.
Црвено-жолтите првата серија ја почнаа со ремито дома со Англија, 1-1, во последното коло од квалификациите за пласман на Европското првенство што се играше годинава во Германија. Потоа следуваа четирите средби во новата сезона на Лигата на нациите, ремито со Фарските Острови 1-1, на гости, и победите со Ерменија со по 2-0 и дома и на гости и со Летонија со 3-0 на гости. Вкупната гол-разлика во тие пет меча е 9-2.
Втората серија на Македонија почна по примениот единствен гол сезонава во Лигата на нациите. Од тој погодок на репрезентацијата на Фарските Острови во деветтата минута, од пенал, мрежата на голманот Столе Димитриевски мирува 351 минута. Н.М.
СЕРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА БЕЗ ПОРАЗ ВО ОФИЦИЈАЛНИ МЕЧЕВИ
ДВОЈКА РЕЗ. ЦИКЛУС
Македонија – Англија 1-1 квал. за ЕП 2024
Ф. Острови – Македонија 1-1 Лига на нациите
Македонија – Ерменија 2-0 Лига на нациите
Летонија – Македонија 0-3 Лига на нациите
Ерменија – Македонија 0-2 Лига на нациите