Фото: ЕПА

Новиот пристап е да има квалификации за спринт-трката во петоците, потоа во саботите се спринтот и квалификациите за големата награда, а главната трка е во неделите. Друга промена на правилата за годинава им овозможува на тимовите да ги менуваат своите болиди по спринтот

ФОРМУЛА 1

Големата награда на Кина викендов се враќа во календарот на Формула 1, првпат по 2019 година, а го означува и првиот спринт-викенд во новата сезона, кој се одвива во малку поинаков формат од тој во минатата година, пишува „Би-би-си“.
Па така, сезонава новиот пристап е да има квалификации за спринт-трката во петоците, потоа во саботите следува спринтот (пократка трка, околу една третина од должината на главната трка), кој за викендов на програмата е денеска наутро (од пет часот), па по таа трка се квалификациите за големата награда (од девет часот), а главната трка е во неделите (утре, од девет часот). Друга промена на правилата за годинава во Формула 1 им овозможува на тимовите да ги менуваат своите болиди по спринтот, ако не се задоволни од поставеноста.
Светскиот шампион Макс Ферстапен рече дека новиот формат „има повеќе смисла“ од ланскиот, кога спринтерските настани беа разделени во саботите, а квалификациите за големата награда беа во петоците, пишува „Би-би-си“.
Сезонава во Формула 1 ќе има вкупно шест спринтерски трки, а следните се предвидени на патеките во Мајами (САД), Спилберг (Австрија), Остин (САД), Сао Пауло (Бразил) и во Лусаил (Катар), пишува Формула 1 на својата интернет-страница.
Трката за големата награда на Кина се вози во 56 круга, на меѓународната патека „Шангај“, првата гранпри-трка е возена во 2004 година, патеката е долга 5,451 километри, најбрзиот круг го извозе Михаел Шумахер, на трката одржана во 2004 година (1:32,238 минута), а најмногу пол-позиции и победи оствари Луис Хамилтон (по шест), пишува Формула 1.
По првите четири трки сезонава, на табелата со возачи во водство е Ферстапен со 77 бода, а потоа следуваат Серхио Перез со 64, Шарл Леклер со 59, Карлос Саинс Јуниор со 55, Ландо Норис со 37, Оскар Пјастри со 32 бода, итн. Н.М.