Младен Донковски

Македонскиот првак Младен Донковски со 694 соборени кегли постави личен рекорд и втор најдобар македонски резултат на светските првенства

КУГЛАЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Македонската женска и машка кугларска сениорска репрезентација не успеаја да се пласираат во вториот круг, односно во четврт-финалето на 10. Светско првенство (СП), во Вараждин (Хрватска), на кое двете првопласирани селекции (во двете конкуренции) од секоја од четирите групи одат понатаму.
Македонките, кои играат во подмладен состав, го загубија и третиот натпревар, од Франција, со 0-8 во поединечни поени (3.072-3.387 по бројот на соборени кегли) и го завршија својот настап на четвртото место во групата Б. Прва е Австрија со шест бода, пред Германија со четири, Франција со два и Македонија без бодови. Светски првак од 2021 година е Хрватска.
Машката репрезентација, пак, по клучниот пораз од Чешка, во второто коло му даде достоен отпор на актуелниот светски првак Србија, загубувајќи со 3-5 (3.714-3.929). Поединечни поени освоија Сашо Трпковски (625 соборени кегли) против Даниел Тепша (614), Младен Донковски (694) против Игор Ковачиќ (670) и Борис Бенедик (633) против Радован Влајков (625). Играч на натпреварот со најдобар резултат (694 кегли) беше актуелниот македонски првак Донковски (36), кој го собори својот личен рекорд (640), а постигна втор најдобар поединечен резултат за Македонија во историјата на СП, и тоа против еден од врвните пет светските куглари, но и остварување што е меѓу најдобрите резултати на ова СП. Македонскиот рекорд на СП е на Урош Стоклас (703), од СП 2013, кога Македонија го освои историското екипно сребро.
– Се фокусирав целосно на патеката, со еден мотив, а тоа беше да го победам противникот и да донесам поединечен поен за Македонија. Коцките се поклопија и успеав. Имав можност да поставам и македонски рекорд, но ја испуштив таа шанса овде, а дали тоа ќе го сторам во скоро време, не знам. За тоа треба подготвена кугларница, силен противник, јак мотив, концентрација… Ако нема некои изненадувања, Србија би требало да биде светски првак, други фаворити се Германија, Хрватска и Австрија – ни изјави Донковски.
Актуелниот светски поединечен рекорд е во сопственост на Србинот Чонгор Барањ (738), поставен на СП 2021, а според правилата тој треба да биде постигнат на СП, и тоа на нова кугларница на која се нема играно дотогаш. Македонија вчера го играше последниот дуел на СП 2023 со Данска и беше фаворит, а за првата позиција се бореа Чешка и Србија. На табелата Чешка и Србија имаа по четири бода, а Македонија и Данска беа без бодови. Г.И.