Фото: Емил Јовановиќ

Иако судскиот процес за истакнувањето на знамето со сонцето од Кутлеш сѐ уште не е формално започнат, многу нешта имплицираат на недоследности и нееднакви стандарди при примената на законите во Македонија. Развивањето на македонското знаме со сонцето од Кутлеш ја крена маглата од досегашниот широк хоризонт во кој се толерираше кршење низа закони, почнувајќи од системски, завршувајќи до оние што се однесуваат за јавниот ред и мир, па сè до законите поврзани со поводот на овој текст, со кои се регулира употребата на знамињата, како на државното така и на знамињата на заедниците. Всушност, тоа е „воспоставена практика“ на флагрантно, најочигледно кршење на Уставот и законите во повеќе градови и села во Западна Македонија, а сепак немало посериозна институционална реакција за непочитувањето на македонското државно знаме, редот и воспоставениот уставен и законски поредок

Повод: Судско процесирање за чинот на развиорувањето на македонското знаме со сонцето од Кутлеш во Охрид

Епилогот од настанот со поставувањето на знамето со сонцето од Кутлеш, на 27 април годинава во Охрид, се чини сепак ќе има некаква судска разврска. Иако на денот на настанот извори во охридската полиција изјавија дека СВР-Охрид не гледа причина за поведување законска постапка за санкционирање на чинот на поставување на знамето, кое беше истакнато на Долна порта во знак на поддршка за уставобранителите осудени за настаните на 27 април 2017 година, според информациите неодамна пласирани во медиумите, во текот на наредниот месец, во Судот во Охрид ќе започне судењето на адвокатот Тони Менкиноски. На адвокатот ќе му се суди за нарушување на јавниот ред и мир. Имено, Менкиноски сам се пријавил во охридската полиција дека е одговорен за поставувањето на знамето. Тој ја презел целата одговорност за настанот и тврди дека овој случај не може да биде третиран како нарушување на јавниот ред и мир, оти од него никој не бил вознемирен.
– Најнапред сакам да разграничам дека во овој „процес“ немам намера да се оправдувам, признавам или да барам милост од власта! Целта на овој процес е да се спротивставиме и бориме за нашите „македонските правдини“! Сонцето од Кутлеш е знаме или симбол што обединува! Шеснаесеткракото сонце е знак и белег на етничките Македонци во Егејот, Пиринот, Мала Преспа, Вардарот и секаде по светот. Истакнувањето на „македонското сонце“ претставува чин на идентификација, достоинство и гордост на секој еден етнички Македонец. Ако власта гледа инкриминација во ова, тогаш не само што се отуѓила од Македонецот туку и станала вазал на антимакедонски интереси – вели за „Нова Македонија“ адвокатот Менкиноски.
Иако судскиот процес за истакнувањето на знамето со сонцето од Кутлеш сѐ уште не е формално започнат, многу нешта имплицираат на недоследности и нееднакви стандарди при примена на законите во Македонија. Развивањето на македонското знаме со сонцето од Кутлеш ја крена маглата од досегашниот широк хоризонт во кој се толерираше кршење низа закони, почнувајќи од јавниот ред и мир, до законите со кои се регулира употребата на знамињата, како на државното така и на знамињата на заедниците. Всушност, тоа е „воспоставена практика“ во повеќе градови и села во Западна Македонија, но сепак немало посериозна институционална реакција за непочитувањето на македонското државно знаме, редот и воспоставениот уставен и законски поредок.

Стоп за двојните стандарди

Споредбата на ваквата досегашна практика на непочитување на македонското државно знаме и случајот со знамето со сонцето од Кутлеш наведува на првичен заклучок за двојни правни стандарди.
– Прецизен е Законот за употреба на знамињата на заедниците, кога се употребуваат, со какви димензии и секогаш со македонското државно знаме. Но одредбите од тој закон со децении не се почитуваат, особено во Западна Македонија, па се чини дека странските знамиња се користат за обележување некаква етничка територија. Во Тетово, на пример, по разни поводи и празници можат да се видат сите знамиња, само не македонското знаме. И со децении никој не е казнет за таквата практика на непочитување на Законот за употреба на знамињата на заедниците, но и на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Освен тоа, го поставувам прашањето: зошто во кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија има и знаме на друга држава, освен македонското? Не гледам причина, а ниту е законски аргументирано, вториот државен функционер по ранг, во највисоката македонска институција, како Собранието да го манифестира своето етничко потекло со знаме на друга држава. Неговиот кабинет е официјален државен простор на државата Македонија и таму треба да биде само македонското државно знаме – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Според неа, со таква децениска практика на прогледување низ прсти за непочитување на законите за знамињата во Македонија, голем апсурд е да му се суди на адвокатот Менкиноски за нарушување на јавниот ред и мир за истакнување на знамето од Кутлеш, што многумина Македонци го сметаат за македонско национално знаме, покрај државното.
– Всушност, шеснаесеткракото сонце го има во многу македонски цркви. Не знам кого вознемири знамето со сонцето од Кутлеш? Ако е поради договорот од Преспа, дали Грција воопшто исполнила нешто од тие малку обврски што ги има со договорот? Дури и да бил некој вознемирен, случајот можел да заврши со опомена за отстранување на знамето, а не со судски процес. Целиот случај наликува на марионетска претстава – нагласува Грчева.
Според „главниот актер“ на случајот со знамето со сонцето од Кутлеш на Самуиловата тврдина во Охрид, Тони Менкиноски, кој добива судски заплет, споредбата на практиката на игнорирање на македонското знаме во Македонија и неговиот процес наведува на непостоење чувство за државност во институциите.
– Кратко и јасно, секоја споредба наведува на непостоење чувство за државност! За да го имате тоа чувство секогаш треба да знаете дека за оваа држава или за слободата на Македонија и Македонците има повеќе мртви отколку живи Македонци. Никој нема право да го понижува или омаловажува македонскиот народ и да тргува со неговите интереси и идентитет. За жал, тоа сега се случува, но сè има свој крај – порачува Менкиноски.

Академик Ќулавкова: Сонцето од Кутлеш има идентитетска димензија за Македонците

– Секое знаменито културно-историско наследство е едновремено и национално, и интернационално. Како симболична вредност, духовното (движно) наследство не познава граници, како што – впрочем – ни јазикот, културните традиции, па и народите не се строго врамени во државни граници. Духовното наследство често е проследено и со материјални траги и артефакти. Според меѓународните конвенции на УНЕСКО за заштита на материјалното и на нематеријалното културното наследство, државите на чијашто територија се наоѓаат тие артефакти (симболи, фрески, икони, уметнички дела) се должни да ги штитат тие артефакти. Народите, пак, во своите сакрални и профани традиции, во уметноста, во колективната меморија, во современата култура и уметност, во своите културни индустрии и практики, имаат неприкосновено право да ги негуваат наследените културни традиции (симболи, обреди, обичаи, преданија, митови, хералдика).
Во некои симболи наследени од културната традиција, народите можат да препознаваат некоја своја идентитетска димензија. Во таквите симболи се испреплетува митот со историскиот факт. Тие симболи имаат и цивилизациска, и етнонационална вредност. Тоа се однесува и за богатото македонско културно наследство. Симболот на сонцето од Кутлеш е препознаен како култен македонски симбол. На територијата на македонската современа држава живеат Македонци и таа беше од 1945 национална држава на Македонците. Во 1991 година, Собранието на Република Македонија, во легитимна постапка, го прогласи симболот на сонцето од Кутлеш за македонско државно знаме, за официјален меѓународен идентитетски симбол на македонската држава и нација. Над 140 држави во светот го признаа истиот симбол како легитимно македонски. Историската наука го признава како легитимен македонски симбол. Нашето предание и нашето културно наследство недвосмислено сведочи за тоа.
Никој нема право насилно да го отуѓува нашиот национален и култен симбол и да ја ревидира нашата современа државна историја. Должност е на македонските државни институции да го почитуваат првото македонско државно знаме. Апсурдни, трагикомични, иронични и самоубиствени се сите обиди за забрана и осуда на сонцето од Кутлеш. Се самопониживме пред светот кога го повлековме државното знаме од официјална употреба. Денес, ако живееме во слободен свет, треба да ни биде чест да го употребуваме симболот на сонцето од Кутлеш како македонско етничко знаме и како основно колективно но и човеково право.
Ќе нагласам: за осуда се сите акти и договори што Р Македонија ги потпиша спротивно на важечкиот Устав на РМ и спротивно на законите. За жал, ние создадовме пракса прво да потпишеме противуставни договори и спогодби, после да го менуваме Уставот. Тоа е незамисливо во нормалниот и демократски свет. Кривично треба да бидат гонети оние кои го прекршија неколку пати Уставот, а не оние кои го почитуваат македонското културно и историско наследство. Адвокатот Тони Менкиноски направи еден вид морален подвиг преземајќи ја врз себе одговорноста за којашто се товари, заштитувајќи ги така симболично сите Македонци кои се изложени на еден вид политички говор на омраза со далекосежни последици – смета академик Катица Ќулавкова.