ТЕНИС

Отвореното првенство на САД во тенис го преместува шампионатот во мешани двојки една недела пред почетокот на гранслем-турнирот, надевајќи се дека обновениот формат и наградата од еден милион долари ќе ги привлечат најдобрите во поединечна конкуренција да играат за титулата во двојки на гранслем-турнир, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
На годинашниот турнир ќе учествуваат 16 двојки, кои ќе се натпреваруваат во текот на два дена во пократки натпревари. Организаторите на турнирот веруваат дека тоа може да ги привлече најголемите ѕвезди на спортот, од кои многу одамна не играат во двојки за да се одржат свежи за поединечните мечеви.
– Она што би рекол дека е причината зад ова е да се привлечат повеќе гледачи и да се зголеми базата на обожаватели низ целиот свет. Но сметаме дека е возбудлив начинот да се направи тоа, да ги имаме најголемите имиња во спортот што учествуваат во двојки и да ги прикажеме како се здружуваат и играат во различен формат – рече Лу Шер, извршен директор на Тениската асоцијација на САД, пренесе АП.
Според планот, мешаните двојки ќе се натпреваруваат на 19 и 20 август. Поединечните турнири на САД опен почнуваат на 24 август. Натпреварите во мешани двојки ќе се играат во два добиени сета, а секој сет до само четири добиени гејма, со одлучувачки поен одигран по 40-40, а ќе се игра тајбрејк од 10 поени ако тимовите се израмнети во сетови, наместо да се игра трет сет. Само финалето ќе личи на гранслем-меч, во два добиени сета до шест гејма, тајбрејк по 6-6 и тајбрејк до 10 поени. Н.М.