Во црногорскиот град Бар имавме три дена заеднички подготовки со црногорската карате-репрезентација, каде што со моите колеги селектори успешно одработивме по два тренинга дневно, додека финалните подготовки ќе ги одржиме во Скопје, в сабота и в недела. Репрезентативците на овие корисни подготовки ги испробаа своите техники и тактики со своите спаринг-партнери, ни изјави селекторот на македонската репрезентација во борби, Александар Кузмановски
КАРАТЕ – ПРЕД ЕП ВО ГВАДАЛАХАРА
Mакедонскатa карате-репрезентација во борби, коja ќе ги брани боите на претстојното Европско првенство (ЕП) за сениори, кое ќе се одржи во шпанскиот град Гвадалахара (22-26 март), предводена од селекторот во борби Александар Кумановски, денеска ги завршува мини-подготовките во црногорскиот град Бар. Репрезентацијата, пак, во кати, под водство на селекторот Стојан Андриевски ги прави подготовките во Скопје. Целта на овие подготовки се двете сениорски репрезентации, заедно со своите селектори, да разменат искуства и да се обидат да продолжат со континуитетот на успеси и освојување медали на татамите од големите натпреварувања.
– Во црногорскиот град Бар имавме три дена заеднички подготовки со црногорската карате-репрезентација, каде што со моите колеги селектори успешно одработивме по два тренинга дневно, додека финалните подготовки ќе ги одржиме во Скопје, в сабота и в недела. Репрезентативците на овие корисни подготовки ги испробаа своите техники и тактики со своите спаринг-партнери – ни изјави селекторот на македонската репрезентација во борби, Александар Кузмановски.
Кузмановски е оптимист пред настапот на претстојното ЕП во Шпанија.
– Очекувам македонските каратисти во борби добро да ја претстават нашата држава на Европското првенство во Гвадалахара. Оптимист сум, така што и овој пат ќе одиме по медал и на тој начин уште еднаш да ја израдуваме целокупната македонска спортска јавност – додава амбициозниот Кузмановски.
Најголем адут за медал, секако и на ова ЕП ќе биде најдобриот македонски каратист Емил Павлов, носител на четири европски медали, од кои две злата и две бронзи. Во рамките за што подобро да се подготви пред претстојните тешки борби што го очекуваат со мошне квалитетни ривали, штипјанецот Павлов претходно успешно мина извесен период на подготовки и во карате-кампот во српскиот град Аранѓеловац. Токму Павлов го врзуваат и убави спомени од Гвадалахара, каде што на ЕП што се одржа во 2019 година го освои својот втор бронзен медал.
На последното ЕП, пак, кое се одржа минатата година во турскиот град Газиентеп, македонскиот каратист Петар Спасеновски освои бронзен медал. И годинава Спасеновски е голем адут на македонското карате за освојување медал. Во женската репрезентација се и Вероника Костовска, која на последното ЕП го освои петтото место, како и носителката на бронзен медал од ЕП 2017 година во Коачели, Турција, Јована Георгиева. Г.И.