ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Рекордни 15,1 милиони луѓе во Велика Британија ги гледале женските спортски натпревари во првите три месеци од 2022 година. Таа бројка е речиси тројно поголема од 5,06-те милиони во првиот квартал од 2021 година и е далеку над претходниот рекорд од 10,2 милиони поставен во 2019 година.
Истражувањето на „Жените во спортот“ покажува и дека просечното време на гледање по лице е речиси двојно зголемено, од 68 минути во оваа фаза лани, на 122 минути годинава. До 15 април годинава, 17,9 милиони луѓе гледале женски спортови (6,7 милиони во истиот период лани), пишува „Скај спорт“. Женската фудбалска Суперлига била најгледаното натпреварување, со 58 отсто од гледаноста.
– Овие охрабрувачки бројки го поддржуваат нашиот долгогодишен став дека ако женскиот спорт се нуди, тогаш публиката ќе го гледа. Никогаш немало подобро време брендовите да размислуваат да почнат да инвестираат во женскиот спорт – вели Тами Парлоу од „Жените во спортот“.